Во Литванија и Полска се инсталирани „портали“ кои овозможуваат интеракција помеѓу луѓето во реално време (фото+видео)
Можеби порталите кои инстантно можат да нè однесат од едно до друго место сè уште се само плод на нашата фантазија, но уникатните уметнички инсталации во Литванија и Полска ни овозможуваат барем за миг да помислиме дека оваа технологија е реална.
Ако сте фан на сериите како Stargate или видео игрите Portal, несомнено ќе бидете воодушевени од новите уметнички инсталации во Вилнус, Литванија и Љублин, Полска. Инсталацијата Portal е инспирирана токму од ваквите серии, филмови и видео игри и, како што кажува самото име, наликува на портал.
Инсталациите се всушност големи кружни екрани со камера која снима во реално време. На екранот во Литванија се гледа снимката од Полска, а на екранот во Полска – снимката од Литванија. Што значи, ако застанете пред инсталацијата во едниот град, изгледа како да гледате низ портал во другиот.
Инсталациите се поставени на некои од најпрометните места во градовите и на одличен начин ги доближуваат градовите кои се оддалечени стотици километри.
Тимот кој стои зад овој проект открива дека работеле скоро пет години на инсталациите, но велат дека ги завршиле во вистинско време.
Во периодот кога сите се изолиравме едни од други поради пандемијата, овој портал им овозможува интеракција на луѓето, без разлика што се оддалечени со километри едни од други.
„Човештвото се соочува со многу предизвици, како социјални поделби, климатски промени и економски проблеми. Сепак, ако погледнеме подобро, ќе сфатиме дека овие предизвици не се поради недостаток од брилијантни научници, активисти, лидери, знаење или технологија.
Причината е недостатокот од емпатија и малата перспектива за светот, која често е ограничена поради нашите државни граници. Поради ова, решивме да ја реализираме идејата за Порталот – ова е мост кој обединува и поттикнува да се издигнеме над предрасудите и несогласувања кои треба да останат во минатото. Ова е поттик да се издигнеме над илузијата дека постои разлика помеѓу нас и другите“, велат од тимот.
Уште подобро е што порталите во Литванија и Полска нема да бидат единствените. Имено, тимот планира да направи портал и помеѓу Рејкјавик, Исланд и Лондон, Англија.
Спирова С. | Црнобело