Филтер за нос и уште 7 корисни изуми што не сте знаеле дека постојат
Бидејќи загадувањето е сериозен проблем и кај нас, сигурно ќе ги посакате филтрите за нос на компанијата Resprana. Ако, пак, сте родител, веројатно ќе бидете воодушевени од паметните чорапи кои постојано го следат пулсот на вашето бебе.
Секојдневно се појавуваат нови изуми и уреди чија цел е да ни го направат животот поедноставен и поквалитетен.
Додека голем дел од овие уреди ги користиме за забава, некои од нив се навистина генијални и решаваат проблеми што ги имаат скоро сите луѓе.
Во продолжение можете да погледнете неколку вакви изуми:
Мрежа што го собира отпадот од канализација
Проектот познат како TecnoGrabber е дело на компанијата TecnoConverting Engineering и има за цел да го намали загадувањето.
Мрежите можат да се постават на место каде што се излева водата од канализацијата, а можат да соберат и до 100 килограми отпад. Потоа мрежите се празнат и можат да се користат одново.
Филтри за нос
Кога ќе се земе предвид колку е сериозен проблемот со загадувањето на воздухот, овој изум дефинитивно ни е потребен на сите. Филтрите се изум на компанијата Resprana, се ставаат во ноздрите и ги филтрираат штетните честички од загадениот воздух. Сепак, ова не ни го решава прашањето со дишењето низ уста...
Чорапи што ја следат состојбата на бебињата
Овие паметни чорапи се дело на компанијата Owlet и имаат сензори кои го следат пулсот на бебето и нивото на кислород. Чорапите се поврзани со апликација за смартфон.
Прочистувач на воздух за автомобил
Овој прочистувач е направен од компанијата Airdog и поради компактноста можете да го користите во вашиот автомобил. Слично како филтрите за нос, прочистувачот ги собира штетните честички од загадениот воздух.
Безжичен полнач со технологија за дезинфекција
Безжичниот полнач на Ampere Technology има вградена технологија која ги дезинфицира површините со помош на ултравиолетова светлина. Ова е изум што би го посакале сите во време на пандемија.
Преносен уред за дезинфекција на тоалети
Сите сме особено претпазливи кога користиме јавни тоалети, особено кога живееме среде пандемија. Но, компанијата Mahaton смислила одлично решение за ова – преносен уред за дезинфекција.
Според нивниот веб-сајт, уредот користи ултравиолетова светлина и ги елиминира бактериите од тоалетната школка за само 120 секунди.
Простирка за вежбање јога со илустрации
Оваа простирка е совршена за почетници. Простирката е поголема од вообичаено, а на неа има илустрации од најпопуларните јога пози.
Саксија со емоции
Ако сте личност која заборава да им стави вода на растенијата, тогаш оваа саксија е совршена за вас. Паметната саксија на компанијата Mu Design има екран на кој прикажува 15 различни емоции, во зависност од состојбата на вашето растение.
Па така, ако заборавите да му ставите вода, саксијата ќе биде „тажна“ или „намуртена“.
Спирова С. | Црнобело