Извршил 50 убиства, се криел 30 години – Уапсен главниот човек на сицилијанската мафиja „Коза ностра“, Месина Денаро
- Детали
- понеделник, 16 јануари 2023
По 30 години бегство бил уапсен во онколошка клиника во Палермо, се смета дека нарачал и сам извршил над 50 убиства, а важеше за најбараниот криминалец во Италија. Кој е Матео Месина Денаро – познат како главен човек на сицилијанската мафија „Коза ностра“?
Италијанската полиција денес (16.01) го уапси Матео Месина Денаро (60), шефот на сицилијанската мафија „Коза ностра“.
Денаро бил уапсен додека се наоѓал во една онколошка клиника во Палермо, каде се верува дека редовно одел на третмани.
Италијанската полиција трагаше по Денаро речиси 30 години, а тој во отсуство беше обвинет за убиството на обвинителите Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992-ра година.
Освен тоа, му се заканува и доживотна казна затвор за неговата улога во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано од 1993-та година каде животот го загубија вкупно 10 лица.
Денаро го нарекуваа „Дијаболик“ и се смета дека тој, по смртта на Бернардо Провензано во 2016-та година и Салваторе Риина во 2017-та, застанал на чело на сицилијанската мафија.
Роден во мафијашко семејство, Денаро научил да пука со пиштол на возраст од 14 години, а се верува дека уште на 18 години извршил голем број убиства.
Благодарение на финансиските инвестиции и помошта на голем број банкарски советници, успеал 30 години да живее скриен од полицијата и од јавноста.
Дел од италијанските медиуми претходно пишуваа дека се уверени дека Денаро никогаш не ја напуштил Италија, но успеал да остане скриен со помош на големиот број блиски соработници.
За него се знае дека во една прилика изјавил дека „сам наполнил цели гробишта“, а последната негова фотографија била направена во далечната 1994-та година, што дополнително им ја отежнуваше работата на властите.
Денаро важи за најбараниот италијански криминалец, за кого се верува дека извршил или нарачал околу 50-тина убиства, меѓу кои и убиства на жени и деца.
Се смета дека се стекнал со голем авторитет во мафијашките кругови откако го убил ривалскиот „бос“ Винченцо Милацо и ја задавил со голи раце неговата бремена девојка.
Се верува дека Денаро го нарачал и убиството на 13-годишно момче, кое било син на еден од неговите соработници, а откако претходно повеќе од две години го чувал во заложништво со цел да го спречи татко му да сведочи пред суд, останките на детето биле фрлени во киселина.
За Денаро се знае дека има една ќерка Лоренца Алања која ја добил во 1996-та година и која никогаш не го видела својот татко.
Лоренца израснала со мајка ѝ во куќата на нејзината баба во Кастелветрано и го носи презимето на својата мајка, а неодамна се шпекулираше дека добила дете, но таа се труди колку е можно повеќе да го сочува својот приватен живот.
Б. С. Б. | Црнобело