Драмата со Ѓоковиќ продолжува – одбиени му се барањата за личен готвач и пристап до тениски терен, што ќе добие?
- Детали
- сабота, 08 јануари 2022
Ѓоковиќ побарал личен готвач и пристап до тениски терен за време на престојот во хотелот за мигранти во Мелбурн, но неговите барања биле одбиени од австралиската граничната полиција – наводно ќе добие справи за вежбање и специјална храна, откако беа објавени незадоволителните услови во сместувањето, како бубачки и мувлосана храна.
Светскиот тениски првак Новак Ѓоковиќ веќе неколку дена е во имигрантски хотел во Мелбурн, додека ја чека одлуката на австралиските власти, по жалбата од неговите адвокати заради укинувањето на визата.
По пристигнувањето на аеродромот во Австралија, тенисерот веднаш беше задржан, бидејќи неговата документација за влез во земјата без вакцинација не била соодветна и не прикажал соодветна причина зошто нема примено вакцина против ковид, иако претходно од тениската федерација на Австралија добил одобрување за влез и учество на Australia Open.
Тој сега е сместен во хотел Парк, во имиграциски притвор, каде наводно една ноќ е 109 долари, но претходно повеќе бегалци и барачи на азил кои престојувале таму се жалеле на незадоволителните услови за живот.
Во јавноста протекоа фотографии од храната која ја добиваат останатите кои се сместени со него во истиот хотел - бубачки, мувлосан леб, ширење ковид се само некои од жалбите на гостите во изминатиот период.
Самиот Ѓоковиќ побарал личен готвач кој ќе му ја одржува строгата диета, со оглед на тоа што практикува специјална исхрана заради нетолеранција на глутен, а побарал и да биде преместен во приватен апартман со пристап до тениски терен за да може да тренира и да остане во топ форма за турнирот кој почнува од 17 јануари.
Австралиската гранична полиција ги одбила сите негови барања и инсистирала тој да остане во хотелот додека судот да ја донесе одлуката за депортирањето која се очекува во понеделник.
Семејството Ѓоковиќ ја обвини владата на Австралија дека го третираат Новак како затвореник, српски граѓани и негови фанови протестираат пред хотелот, а реагираше и владата на Србија.
Had to check out the scene myself at the Park Hotel where Djokovic is being detained and where his supporters have gathered to protest his impending deportation for being unvaccinated. #AusOpen pic.twitter.com/a2YnmlJOYG
— Ben Rothenberg (@BenRothenberg) January 6, 2022
Премиерката Ана Брнабиќ во утринска програма на телевизија Пинк изјавила:
„Се слушнав со Министерката за надворешни работи на Австралија, разговаравме конструктивно. Постојано сме во контакт, јас со Владата, а претседателот со Новак. Се обидуваме да му олесниме. За жал, тој до финалната одлука ќе остане во хотелот, но успеавме во една работа. Ќе му се доставува храна без глутен и ќе добие справи за вежбање, доби лаптоп, како и сим картичка за да биде во контакт со своите.“
М. М. | Црнобело