Купишта облека фрлена во пустина во Чиле – каде завршува текстилот што не се продава? (фото)
- Детали
- вторник, 09 ноември 2021
Околу 39.000 тони нераспродадена облека од втора рака или непродадени парчиња облека заостануваат во слободната зона во Чиле, а оттаму илегалнo се пренесуваат во депонии формирани во пустината Атакама.
Пустината Атакама во Чиле е најсувата пустина во светот, која зафаќа површина од 128 km квадратни, а деновиве е мошне актуелна заради загадувањето, откако оттаму се појавија фотографии со новоформирани „брда“ од заостаната облека.
Чиле е земја што со години наназад е позната како земја во која се собира облека од втора рака и нераспродадена облека од Европа, Азија и САД, што треба да се препродава во Јужна Америка.
Секоја година во оваа земја, која има слободна зона за трговија, пристигнуваат околу 59.000 тони облека, што понатаму се продава од страна на трговците во главниот град Сантијаго или се носи во другите земји од Јужна Америка.
Сепак, како што се гледа и од фотографиите, голем дел од оваа облека завршува во пустината Атакама, каде се формирале огромни купишта од неразградлив отпад. Џемпери, чевли, јакни - сето ова завршило во илегалните депонии во пустината.
Чиле е најбогатата земја во Јужна Америка, а во последно време сè погласни се луѓето што се обидуваат да ја нагласат потребата од рециклирање на исфрлената облека и справување со еколошката катастрофа.
Погледнете уште неколку фотографии во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело