Инспиративната приказна на Виторија Буено (16), балерината родена без раце
- Детали
- сабота, 13 јануари 2024
„Кога беше мала, луѓе доаѓаа пред нашата куќа и зјапаа во Виторија. Имаше и такви кои ѝ ги креваа ракавите само за да видат како изгледа нејзиното торзо без раце“, вели мајката на балерината од Бразил.
Виторија Буено од Бразил е 16-годишна тинејџерка која е родена без раце. И покрај својот хендикеп, таа тренира балет и инспирира со својот позитивен став и животната приказна.
Имала само 5 години кога нејзината мајка Ванда ја однела во балетско студио.
Бидејќи Виторија е родена без раце, нејзината мајка се плашела за тоа како малото девојче ќе се снајде и дали воопшто ќе се вклопи во околината со своите врсници.
„Кога беше мала, луѓе доаѓаа пред нашата куќа и зјапаа во Виторија.
Имаше и такви кои ѝ ги креваа ракавите само за да видат како изгледа нејзиното торзо без раце. Ѝ беше непријатно“, открива Ванда (39) за Reuters.
Но, Буено веќе не се срами од своето тело, туку се фокусира на танцот, пируетите, на техничките предизвици што ги бара балетот.
А, како ова да не ѝ било доволно, почнала да тренира и џез балет и степување.
Денес таа е дел од балетската академија во нејзиниот роден град. Со своето играње и позитивниот став, таа е инспирација за многумина. Луѓето не кријат дека се воодушевени од нејзината страст за танцот.
„За мене рацете се само детали. Со очите следам сè што треба да видам, така играм. Не чувствувам дека ми требаат раце за да танцувам“, вели Виториjа.
Таа почнала да игра балет по совет на психотерапевтот, оти секојпат танцувала кога одела на сесија кај неа.
Со танцувањето си го зајакнала телото, мускулите и флексибилноста, па наместо со уста да зема работи кои ѝ се потребни, таа ги користи стапалата.