Алек Болдвин го прегрнува сопругот на убиената колешка + нови детали за одговорните за оружјето (фото)
- Детали
- понеделник, 25 октомври 2021
Алек Болдвин го прегрна сопругот на колешката што случајно ја застрела и уби на сет и наводно ќе се повлекува од јавноста. Во меѓувреме, работниците од Холивуд бараат забрана за користење вистинско оружје на снимањата, а некои ја обвинуваат Хана, девојката што го донела пиштолот на Алек, за неодговорно ракување со оружјето на сетот.
Неколку денови по трагедијата на филмскиот сет во Њу Мексико, Алек Болдвин беше забележан со сопругот на колешката што случајно ја застрела и уби, како и нејзиниот 9-годишнен син.
Актерот и сопругот Мет се прегрнаа откако заедно го напуштија хотелот во Њу Мексико каде што наводно престојувале овие денови.
Според изворите, по страшната несреќа Алек бил хистеричен и не можел да се смири со часови. Наводно, актерот ги откажал и сите негови идни проекти, а најверојатно ќе се повлече од јавноста.
„Беше многу тажно. Алек вака се справува со тешките моменти. Секојпат кога ќе се случи нешто лошо, извесен период се повлекува од јавноста“, изјави извор за People.
Синот и сопругот на Халина првпат беа забележани ден-два по несреќата. Тие, заедно со Алек Болдвин, присуствуваа и на приватна меморијална церемонија за Халина, а според изворите, актерот правел сè што може за да ја покаже неговата поддршка во тешките моменти.
Деновиве во јавноста се појави информација дека асистентот на режисерот на филмот, кој му го дал пиштолот на Алек, претходно ги имал прекршено протоколите за безбедност, и тоа на сетот на серијата Into the Dark во 2019 година.
Според правилата, кога на сетот ќе се донесе оружје, без разлика дали вистинско или реквизит, без разлика дали е полно со вистинска или лажна муниција, мора да се најави за сите да бидат свесни за тоа. Асистентот го игнорирал ова.
Истовремено, тој е обвинет од колегите дека не им придавал многу значење на состаноците и обуките за безбедно ракување со оружје наменети за филмските екипи, бидејќи сметал дека се безначајни.
Прочитајте повеќе Алек Болдвин веројатно нема да биде обвинет за убиството на колешката + што точно се случило на сетот?
Хана Гутиерез, пак, девојката која била одговорна за оружјето на филмот на Алек Болдвин, не била внимателна, а на друг сет ѝ дала пиштол на 11-годишна актерка.
„Не беше многу внимателна со оружјето. Неколкупати ги полнеше оружјата со лажна муниција на небезбеден начин“, тврди извор кој соработувал со неа.
Викендов Меѓународното здружение на кинематографери организираше настан во чест на Халина, но и побара построги мерки за оружјата на филмските сетови со цел да се заштити филмската екипа. Присутните палеа свеќи за Халина и споделуваа приказни за неа.
Во меѓувреме беше направена и петиција со која се бара Холивуд да престане да користи вистинско оружје на филмските сетови.
Досега се собрани над 10.000 потписи, а петицијата ја направил пријател и колега на Халина:
„Мораме да се осигуриме дека оваа трагедија нема да се повтори. Нема изговор нешто вакво да се случи во 21 век. Повеќе нема потреба од вистинско оружје на филмските сетови“.
Истрагата во врска со случајот сè уште трае и се очекува да се дознаат деталите во следните неколку недели.
Прочитајте повеќе „Срцето ми е скршено“ – Алек Болдвин првпат се огласи по трагичната смрт на колешката откако случајно ја застрела
Спирова С. | Црнобело