Трагична вест: Алек Болдвин во солзи и неверување откако случајно застрела двајца колеги, од кои едниот го загуби животот
- Детали
- петок, 22 октомври 2021
На снимањето на неговиот нов филм, Алек Болдвин случајно ја застрелал и убил кинематограферката Халина Хачинс и го ранил режисерот и сценарист Џоел Соуза. Од фотографиите се гледа дека актерот е видно вознемирен, а засега не е познато што точно се случило.
Холивудскиот актер Алек Болдвин случајно застрелал двајца од филмската екипа на сетот на неговиот нов филм Rust. Актерот ги застрелал 42-годишната Халина Хачинс која е кинематографер, како и 48-годишниот сценарист и режисер Џоел Соуза. Халина, за жал, не преживеала.
Несреќниот настан се случил на сетот во Њу Мексико и полицијата потврдила дека 68-годишниот актер е оној којшто го истрелал пиштолот.
Џоел Соуза (лево) и Халина Хачинс (десно)
Сепак, уште не се познати детали и не се знае дали некој го наполнил пиштолот со вистински куршуми или дали лажниот куршум што се користи за снимање испукал заедно со остатоци од вистински куршум во цевката на пиштолот.
Кратко по инцидентот актерот беше забележан во солзи пред полициската станица поради немилиот настан.
Британскиот водител Пирс Морган сподели и две фотографии на кои се гледа агонијата на актерот.
„Алек Болдвин вознемирен, откако случајно застрела и уби кинематограф на сетот на неговиот нов филм и го рани режисерот-сценарист. Како е можно да се случи ова?“
https://twitter.com/piersmorgan/status/1451396601591697412
Засега не биле покренати обвиненија, но од полицијата велат дека има активна истрага со која ќе се утврди што точно се случило.
„Според инспекторите, се чини дека во сцената што се снимала се користела лажна муниција кога пиштолот бил истрелан. Детективите истражуваат за да откријат што точно било истрелано.
Инцидентот е активна истрага. Кога ќе добиеме нови информации, ќе ги споделиме со јавноста“, изјави портпаролот на полициската станица.
Некогаш на снимањето на холивудските филмови се користи вистинско оружје, особено ако оружјето треба да се гледа одблизу. Причината за ова е едноставна – вистинските пиштоли се потешки од лажните и глумата изгледа поуверлива.
Филмскиот сет каде што се случила трагедијата
Филмскиот сет каде што се случила трагедијата
Пиштолите се полнат со лажни куршуми, познати и како „ќор-фишек“. Во вистинските куршуми има барут, дел на дното кој го пали барутот за да предизвика експлозија и мал проектил на врвот. Овој проектил е всушност делот од куршумот што е смртоносен.
Лажните куршуми го имаат истиот состав, но кај нив нема проектил. Кај лажните куршуми во Холивуд на местото на проектилот обично ставале восок или нешто слично за да го затнат.
Па, кога ќе се испука пиштолот, се слуша експлозијата од барутот, но нема проектил со кој може да се застрела некој или нешто.
Но, бидејќи сепак станува збор за експлозија, и лажните пиштоли можат да бидат опасни ако се истрелаат во нечија близина.
Филмскиот сет каде што се случила трагедијата
Бидејќи од пиштолот се истрелува и восокот или материјалот искористен за да се затне куршумот, ако некој е многу блиску до цевката, може да биде повреден.
Несреќа може да се случи и ако пиштолот не е правилно наполнет – ова беше причината за инцидентот на сетот на The Crow, каде што загина синот на Брус Ли, Брендон Ли.
Наводно, некој не ракувал со пиштолот како што треба, па во неговата цевка останал заглавен вистински куршум. Кога од пиштолот бил истрелан лажниот куршум, од цевката бил истрелан и вистинскиот, по што актерот беше смртно ранет.
Како што напоменавме, засега не е познато што се случило со пиштолот на Алек Болдвин, но голема е веројатноста грешката да настанала поради неправилно ракување на пиштолот.
Односно, можеби во цевката имало вистински куршум или некаков остаток.
Спирова С. | Црнобело