Децата ѝ беа приоритет, а не правилата - фотографии што покажуваат каква мајка беше принцезата Дијана
- Детали
- вторник, 29 јуни 2021
Принцезата Дијана ќе остане запаметена како еден од најобожаваните членови на кралското семејство. Таа во голема мера ги рушеше стереотипите за тоа што значи да бидеш претставник на кралското семејство – како преку хуманитарната работа, така и преку грижата за нејзините синови без притисок од правила.
Се вели дека нејзина цел била синовите Вилијам и Хари да имаат што е можно понормален живот, а има повеќе фотографии објавени во јавноста што го покажуваат токму тоа.
Направени се повеќе фотографии на коишто се гледа како таа си игра со нејзините деца, но и фотографии каде таа не ги почитува кралските протоколи и ги носи нејзините деца заедно со неа на кралските турнеи.
„Таа како родител беше голем бељаџија. Нејзиното мото беше: ‘Можеш да правиш бељи колку сакаш, само внимавај да не те фатат’“ – рече Хари за неа во 2017-тата година.
Во продолжение повеќе фотографии што покажуваат каков родител била таа:
Дијана си игра со принцот Вилијам додека тој е во рацете на татко му
Дијана беше во целост посветена на нејзините деца и секогаш наоѓаше време за нив. Уште од нивното раѓање таа одеше спротивно на она што се очекуваше од неа, како мајка на престолонаследници: сама ги одбра нивните имиња и ги доеше додека беа бебиња.
Спротивно на кралскиот протокол – Дијана реши да го земе 9-месечниот Вилијам на турнеја во Австралија
Тоа што Дијана одлучила да го земе Вилијам со нив на кралска турнеја само по себе била шокантна одлука. Претходно немало таква пракса. Вообичаено додека претставниците на кралското семејство оделе на турнеи, децата останувале дома заедно со дадилки и негувателки. Таков бил случајот со принцот Чарлс.
Принцезата Дијана му помага на принцот Вилијам со сложувалка
Пред да се омажи за принцот Чарлс и да стане принцеза, Дијана работела како негувателка во градинка и имала огромно искуство во грижата за деца. На оваа фотографија се гледа како таа му помага на 3-годишниот Вилијам да реши сложувалка во неговата соба во Кензингтонската палатата.
Таа го усогласувала сопствениот распоред со распоредите на нејзините синови
Нејзиниот живот бил исполнет со кралски должности, настани и обврски. Сепак, таа се трудела својот распоред да го координира со распоредите на нејзините синови. Во нејзиниот календар, обврските на нејзините синови биле забележани со зелено мастило.
Таа сама ги носеше синовите во училиште
Според традицијата, престолонаследниците вообичаено биле образувани дома, од страна на гувернанти. Принцезата Дијана повторно ги промени стандардите откако одлучи принцот Вилијам да оди во градинката Mrs. Mynors' во Нотинг Хил во 1985-тата година.
Принцот Вилијам е првиот член на кралското семејство што во целост бил образуван во јавни училишта.
Принцовите ја покриваат Дијана со песок на плажа
На оваа фотографија се гледа дека принцезата често сакала времето со нејзините синови да го поминува во игра. На патувањето на Островот Некер во 1990-тата година, таа си играше заедно со синовите и нивните другарчиња и покажа дека тоа што е принцеза воопшто не може да ја спречи да се забавува.
Со прегратка ги пречекува синовите
Тоа беше една од нејзините најпознати фотографии на кои се гледа како се однесува сосема неформално и веднаш се фрла да ги гушне синовите. На фотографијата од 1991 година се гледа како таа ги пречекува синовите на кралската јахта Britannia со која требало да одат на првата кралска турнеја како семејство.
Принцот Хари во документарниот филм Diana, Our Mother: Her Life and Legacy говореше и за прегратките на неговата мајка:
„Таа само ќе нè прегрнеше и ќе нè стиснеше што е можно посилно и со оглед на тоа што бев многу мал, немаше каде да бегам, морав да бидам таму сè додека таа сакаше да ме држи. Дури и сега кога говорам за тоа можам да ги почувствувам прегратките што ни ги даваше“.
Дијана со Вилијам и Хари на скијање
За време на ова патување во 1991-ва година Дијана побарала да немаат обезбедување со нив за да можат да имаат колку-толку нормален одмор. Сепак, фотографите ги следеле и овде, па така таа на крај морала самата да ги замоли да ги остават да уживаат во мирниот одмор.
Дијана со Вилијам и Хари во забавен парк
Пред само неколку месеци јавноста беше шокирана откако Вилијам и Кејт објавија фотографии од забавен парк. Можете само да замислите како јавноста ги прифати целосно неформалните фотографии на кои Дијана уживаше со синовите во забавниот парк, во 1993-тата година.
Со Хари на џет-ски
Оваа фотографија е направена за време на последниот одмор на принцезата со синовите. Во 1997-мата година, на возраст од само 12 години, Хари ја вози неговата мајка на џет-ски на одморот во Сан Тропе. По ова тие се враќаат и му се придружуваат на Вилијам на јахтата што била во сопственост на Доди Фајед.
За жал, Дијана и Доди ќе ги загубат животите само 6 недели подоцна во трагична автомобилска несреќа во Париз.
Б. С. Б. | Црнобело