Принцот Хари: „Сеќавањата се исти - мајка ми плаче и бега од папараци, а јас и брат ми сме беспомошни во автомобилот“
- Детали
- петок, 21 мај 2021
„Мајка ми нѐ вози со брат ми, а нѐ прогонуваат 3 мопеди со папараци, таа речиси и не беше способна да вози поради солзите, но немаше кој да ја заштити“ – се потсетува принцот Хари на неговата мајка, но и на сличната судбина која ги снашла со Меган и открива дека таа не си го одземала животот за да го поштеди да изгуби уште една жена во животот.
Во серијалот емисии The me you can’t see принцот Хари повторно се отвори за својот интимен живот, овојпат говореше за смртта на неговата мајка, принцезата Дијана, за тоа што според него довело до трагична судбина и како според него историјата се повторува со неговата сопруга Меган.
Принцезата Дијана почина на возраст од 36 години во сообраќајна несреќа во Париз во август 1997-мата година, една година по официјалниот развод со принцот Чарлс. Хари во тоа време имал 12 години.
Во документарната емисија Хари говори за тоа како се чувствува прогонето од сеќавањата на тоа како се чувствувал беспомошен кога неговата мајка била прогонувана од медиумите.
„Само сакав да бидам нормален, наспроти тоа да бидам принцот Хари, сакав да бидам само Хари. Тоа беше комплициран живот и за жал кога и да помислам на мајка ми првата слика што ми доаѓа на ум секогаш е истата, повторно и повторно - јас сум со појас во автомобилот, брат ми (принцот Вилијам) исто така е во автомобилот, мајка ми вози, а нè прогонуваат три, четири мопеди со папараци.“
Како што вели често ја гледал мајка му како плаче и се чувствувал беспомошно затоа што не можел да ѝ обезбеди поддршка.
„Таа речиси и не беше способна да вози поради солзите, немаше кој да ја заштити. Едно од чувствата што се враќаат е чувството на беспомошност. Бев премногу млад, бев момче што е премногу младо за да ѝ помогне на жена, во овој случај, мојата мајка. Тоа се случуваше секојдневно сè до денот кога почина“ - вели тој.
Тој се присеќа и на погребот на Дијана, кога заедно со брат му Вилијам (во тоа време имал 15 години), татко им принцот Чарлс, дедо им принцот Филип и нивниот вујко Чарлс, оделе зад ковчегот на мајка му.
„Јас најмногу се сеќавам на звукот на потковиците од коњите што одеа пред нас. Во тој момент и двајцата бевме во шок. Како да не бев присутен. Само чекорам со нив и го правам тоа што се очекува од мене, покажувајќи само една десетина од емоциите што сите други ги прикажуваа.
Тоа беше мојата мајка, вие никогаш не сте ја запознале. Бев толку гневен за тоа што ѝ се случи (на мајка ми) и поради фактот дека немаше никаква правна разрешница. Ништо не излезе од тоа. Луѓето што ја прогонуваа во тунелот, ја фотографираа како умира на задното седиште во автомобилот“ - вели тој.
Низ серијалот документарни емисии, Хари, кој посетувал психијатар во последните четири години, споделува со јавноста како се справувал со траумите од детството со помош на терапија, што го натерало да се наврати на одредени настани од неговиот живот.
Тој посебно се осврна на периодот пред да почне со терапија и како одлучил сите емоции да ги чува во себеси.
„Не сакам да размислувам за неа, затоа што ако размислувам за мајка ми, тогаш тоа ќе го донесе фактот дека не можам да ја вратам и тоа само ќе ме направи тажен. Која е поентата на тоа да размислуваш за некој што си го загубил и што никогаш нема да можеш да го вратиш. Јас само одлучив дека нема да разговарам за тоа.
При крајот на 20-тите години од мојот живот почнав да си го поставувам прашањето за тоа што воопшто правам овде. Тоа беше мигот кога ненадејно почнав да повторувам: ’Не можеш да продолжиш да се криеш‘. Членовите на семејството велеа дека само треба да продолжам да ја играм играта и дека животот ќе биде полесен. Но јас во голема мера личам на мајка ми. Се чувствувам како да сум надвор од системот, ама сепак сум заглавен тука. Единствениот начин да се ослободам е да ја кажам вистината“ – вели Хари.
Тој понатаму говори за тоа како историјата на некој начин се повторувала и како призорите од детството почнале да се повторуваат кога станал возрасен и кога ја започнал врската со неговата сопруга Меган Маркл уште во 2016-тата година.
„Бевме следени, фотографирани, бркани, вознемирувани… Од кликањето и блицот на фотоапаратите ми зоврива крвта. Ме лути и ме враќа на тоа што ѝ се случи на мајка ми и она што го искусив како дете. Не само традиционални медиуми, туку и социјални платформи. Се чувствував беспомошно“ – вели тој.
Неодамна во интервју за Опра, Меган говореше и за тоа дека размислувала да си го одземе животот додека биле заедно со кралското семејство. Хари проговори и за ова:
„Таа беше потполно разумна, а сепак ноќе овие мисли ја прогонуваа. Она што ја сопре да направи нешто такво беше тоа што увидела дека нема да биде фер кон мене по сè што се случило со мајка ми и повторно да изгубам уште една жена во мојот живот – која носеше бебе, нашето бебе.
На некој начин се срамам од начинот на кој се справував со тие проблеми. Секако, поради системот во којшто бевме и поради одговорностите и должностите што ги имавме, набрзина се прегрнавме, а потоа се пресоблековме за да скокнеме во конвојот со полициска придружба да нè пренесат во Royal Albert Hall на хуманитарен настан.
Потоа застанавме пред камерите и се преправавме дека сè е во ред. Немавме опција да кажеме: ’Знаете што, вечерва не одиме‘, затоа што само можете да си ги замислите приказните што ќе произлезеа од тоа“ - вели Хари.
Во моментите кога забележал дека „историјата се повторува“ заради неговата врска со Меган, тој станал одлучен да не дозволи друга жена што му е блиска да биде вознемирувана од медиумите.
„Дали жалам за нешто? Да. Најмногу жалам за тоа што не заземав поцврст став порано во нашата врска и да се спротивставам на расизмот. Историјата се повторуваше. Мајка ми беше прогонувана до смрт додека беше во врска со некој што не е со светла боја на кожа и гледајте што се случи. Сакате да говориме за тоа како се повторува историјата, тие нема да престанат сè додека таа (Меган) не умре“ - вели за крај принцот Хари.
Инаку, документарниот серијал The Me you can’t see принцот Хари го започна во соработка со познатата водителка Опра Винфри.
Претходно тој говореше и за односот со татко му и за пренесувањето на наследената болка во нивното семејство. Ако се суди по сè она што досега е кажано принцот има намера во целост, искрено да говори за сè она што му се случувало во кралското семејство и да ја каже неговата страна на вистината.
Б. С. Б. | Црнобело