Принцот Филип почина на 99-годишна возраст – кралицата Елизабета ја соопшти веста
- Детали
- петок, 09 април 2021
Сопругот на кралицата Елизабета, принцот Филип, почина денес на 99-годишна возраст, а веста беше потврдена со објава на Твитер.
Принцот Филип, со кого Елизабета беше во брак 73 години, почина денес на 99-годишна возраст. Војводата од Единбург ги поминал последните денови во замокот Виндзор, заедно со сопругата. Претходно, тој помина 28 денови во болница откако беше хоспитализиран поради инфекција и здравствени проблеми со срцето.
Со објава на Твитер, Бакингемската палата ја сподели тажната вест за смртта на принцот Филип:
„Со длабока жалост нејзиното височество, кралицата, ја соопшти веста за смртта на нејзиниот сакан сопруг, неговото височество принцот Филип, војводата од Единбург“.
Според објавата, принцот Филип починал утрово во замокот Виндзор.
It is with deep sorrow that Her Majesty The Queen has announced the death of her beloved husband, His Royal Highness The Prince Philip, Duke of Edinburgh.
His Royal Highness passed away peacefully this morning at Windsor Castle. pic.twitter.com/XOIDQqlFPn-->-->— The Royal Family (@RoyalFamily) April 9, 2021
Последниве неколку години принцот Филип имаше проблеми со срцето, а во 2017-та се пензионира од кралските должности. Кога беше хоспитализиран годинава, од палатата споделија дека тоа било превентивно. Околу една недела подоцна, кралското семејство изјави дека принцот има некаква инфекција, па ќе треба да остане во болницата подолго. Овој период семејството на Филип се надеваше дека состојбата ќе му се подобри и неретко изјавуваа дека се чувствувал добро.
Потоа на Филип му беше направена операција на срцето, па после вкупно 28 денови поминати во болница, на 16-ти март тој се врати во замокот Виндзор.
Поради неговата титула, принцот треба да има државен погреб. Но според изворите, принцот никогаш не сакал да привлекува внимание и најверојатно побарал да не се одржува државен погреб за него. Наместо тоа, изворите велат дека принцот ќе има воен погреб, со приватна служба во капелата Св. Ѓорѓи (St. George’s Chapel), а ќе биде погребан во Frogmore Gardens.
Во случај на државен погреб, ковчегот на принцот ќе биде изложен за кралското семејство, но и јавноста да можат да му оддадат почит. Потоа би се одржала служба во Вестминстер Аби или катедралата Свети Павле (St. Paul’s)
Последниот државен погреб за член на британското кралско семејство се одржа во 1952-та, кога почина кралот Џорџ – таткото на Елизабета. Тој беше погребан во капелата Св. Ѓорѓи.
Засега од палатата немаат споделено детали за погребот на принцот. Но, ако ги послушаат неговите желби, се очекува службата да биде мала и да присуствуваат само членовите на семејството, заедно со неколку важни личности. Во внатрешноста на капелата нема да биде дозволено снимање или фотографирање.
Британските медиуми споделуваат дека од денес кралицата ќе почне со 8-дневно тагување, односно период во кој нема да ги извршува своите кралски должности. По погребот, кралицата ќе продолжи со тагувањето, но ќе им се врати на должностите, и тоа зад затворени врати. Се претпоставува дека таа нема да се појави во јавност цел месец, бидејќи целото кралско семејство ќе тагува 30 денови. Некои веруваат дека по смртта на саканиот сопруг, Елизабета многу поретко ќе се појавува во јавност.
Погледнете и Елизабета го избра најсиромашниот принц за сопруг - 17 факти за принцот Филип
Спирова С. | Црнобело