„Ниту едно парче да не заврши во отпад“ – Во H&M може да ја рециклирате старата облека и да ви направат нова
- Детали
- четврток, 10 декември 2020
И брендот H&M е вклучен во борбата против климатските промени, па неодамна во една од нивните продавници во Шведска поставија машина за рециклирање облека што може да ја користи секој.
Проблемот со загадувањето станува сè посериозен, па во последниве неколку години рециклирањето зема голем замав.
Кога станува збор за рециклирање, најчесто помислуваме на пластика и сличен отпад, но и отпадот со облека создава сериозни проблеми. Затоа, од голема важност е да ја рециклираме и неа.
За жал, рециклирањето на облеката може да биде покомплицирано и на многу места луѓето немаат ни каде да го направат тоа. Но, познатата продавница за облека H&M дошла до одлично решение.
Во една од продавниците на H&M во Стокхолм, Шведска, поставиле машина за рециклирање облека.
Машината наречена Loop е сместена во самата продавница и е развиена од страна на институтот HKRITA од Хонгконг, во соработка со непрофитната организација на H&M.
„За да се справиме со климатските промени, мораме да ја промениме модата. Едно решение за ова е рециклирањето. Ако, на пример, рециклираме памучна маичка за да направиме нова, нема потреба да одгледуваме нов памук – можеме да го искористиме оној што веќе го има“, стои на веб-сајтот на продавницата.
Машината ја рециклира облеката во осум чекори, а притоа не користи избелувачи, вода, боја или какви било други материи.
Најпрво, машината го дезинфицира парчето облека, а потоа го сече на многу мали парчиња.
Потоа од малите парчиња материјал се отстрануваат нечистотиите, па се прават нишки.
Машината спојува неколку нишки за да направи подебел и поцврст конец, од кој на крај се прави ново парче облека.
Купувачите ќе можат да однесат блуза или што било направено од памук во продавницата и ќе треба да платат помеѓу 8 и 13 фунти за рециклирањето.
Засега машината може да направи памучен џемпер, шал или мало ќебе, а целиот процес трае околу пет часа.
Моментално Loop e единствената машина за рециклирање која се наоѓа во продавница, но од HKRITA се обидуваат да ја лиценцираат технологијата и да ја направат достапна за сите брендови.
„Ова е важно бидејќи за да направиме вистинска промена, сите брендови треба да имаат пристап до технологии како Loop“, пишува на сајтот на H&M.
Синџирот продавници се залага за рециклирање облека уште од 2013-та и во некои држави им дозволува на потрошувачите да ја рециклираат облеката, без разлика од каде ја купиле. Машината за рециклирање, пак, е нивниот следен чекор.
„Лансирањето на Loop не е само ѕиркање во иднината на модата. Ова е потсетник дека секое парче облека треба да го третираме како ресурс. Ништо не е премногу искинато или износено за да биде рециклирано – и ниту едно парче облека не треба да заврши во отпад“, велат од брендот.
Во видеото можете да погледнете како изгледа и како функционира системот за рециклирање што го користи H&M:
https://www.youtube.com/watch?v=lxRDGSft2wI&feature=emb_title
Што мислите за оваа идеја? Дали и вие би ја рециклирале вашата облека доколку имате услови за тоа?
Спирова С. | Црнобело / Фото: H&M