86-годишен пензионер јаде во школска кантина за да не биде осамен по смртта на сопругата
- Детали
- петок, 29 ноември 2019
Кирил Агет ја изгубил својата сопруга пред 6 години и оттогаш имал проблем со осаменоста.
Тој живее до училиштето Coombe Dean во Плајмаут, па тамошните вработени сфатиле дека нешто не е во ред, бидејќи Кирил не излегувал од домот некое време.
Тие решиле да му се јават за да проверат дали е добро. А штом му се јавиле, го поканиле на ручек во кантината на училиштето, со цел полесно да се справи со осаменоста.
86-годишниот дедо веднаш ја прифатил поканата, па сега е редовен посетител на училишната менза. Четири пати неделно, тој јаде таму и ужива во друштвото на вработените и учениците.
Секогаш разговара со нив и вели дека ова вистински му го променило животот. Всушност, Кирил едвај поднесувал да биде сам после погребот на сопругата Ширли.
„Сите разговараат со мене, а вработените се прекрасни.“
Кирил додава и дека би се чувствувал навистина изгубено ако не одел во училиштето барем еднаш неделно.
Кога почнал да го посетува училиштето, Кирил се чувствувал навистина лошо. Но, со текот на времето забележал огромен напредок.
Цел месец по смртта на неговата сопруга, Кирил не можел да се натера да излезе од домот. Но, повикот од училиштето го променил тоа.
„Се чувствувам навистина осамено штом ќе влезам дома. Дојдов овде и ги видов децата. Многу од нив зборуваа со мене, а има и едно младо момче што секогаш разговара со мене. Ми се допаѓа друштвото и ми се допаѓа вревата. Штом ќе влезам дома и ќе ги затворам вратите, нема ништо.“
Кирил, кој порано работел како чевлар, неодамна имал уште една „епизода“ и не сакал да стане од креветот. Но, училиштето уште еднаш му помогнало да застане на нозе.
„Пред неколку месеци не се будев пред 2 часот попладне. Мислам дека на некој начин Ширли ми кажа да облечам панталони и да излезам. Посетата на училиштето уште еднаш ме врати на нозе.“
Бидејќи наближува зимскиот распуст, готвачките од училиштето подготвувале храна за Кирил за тој период.
Кирил ќе ја чува храната во замрзнувач и ќе има што да јаде до почетокот на второто полугодие.
„Мислам дека не им треба одмор“, на шега вели Кирил за неговите нови пријатели.
Спирова С. | Црнобело