Приказна за една градоначалничка – најмоќната жена во Авганистан
- Детали
- петок, 18 октомври 2019
Зарифа Гафари има само 26 години, но станала една од првите жени градоначалници во Авганистан. Таа дури и изјавила дека во секој момент очекува да ја убијат.
Но, Зарифа не се обидува да се скрие и продолжува да го привлекува вниманието на јавноста.
Во март, Зарифа стана градоначалник на Мајдан Шар, град со околу 35.000 жители.
Во градот имало и банер со нејзина фотографија и слоганот на нејзината кампања - „Нека нашиот град биде чист“.
Зарифа е свесна дека таа е една од предводниците на борбата за правата на жените во Авганистан.
„Мојата работа е да ги натерам луѓето да веруваат во правата и моќта на жената“, напиша таа на нејзиниот Twitter профил.
Иако таа не е првата жена со „машко“ работно место во Авганистан, нејзината положба е навистина тешка.
Мајдан Шар се наоѓа во областа Вардак, место кое е навистина конзервативно и каде поддршката на Талибанците е толку голема, што многу значајни автопатишта не се безбедни за граѓаните.
Во градот има само едно средно училиште за девојки, а минатата година имало само 13 матурантки.
Пред Зарифа да стане градоначалник, единствената жена која имала државна работна положба била министерка, која не се осудувала да живее во градот. Од безбедносни причини, таа живеела во Кабул и исто како Зарифа, секој ден патувала до работа.
Зарифа била именувана за градоначалник од претседателот на Авганистан уште во 2018-та година. Но, после катастрофалниот прв работен ден, нејзиниот мандат бил одложен.
Кога минатата година Зарифа отишла на работа, во нејзината канцеларија се појавиле гневни мажи вооружени со стапови и камења. Зарифа морала да биде изнесена од зградата и изјавила дека тоа бил најлошиот ден во нејзиниот живот.
Додека си заминувала, мажите ѝ довикувале да не се враќа. Зарифа тогаш го напуштила градот, но не се откажува без борба.
„Толку многу викав што останав без глас. Реков дека ќе се борам за моето право на таа функција, па дури и ако треба да се запалам пред палатата. И не, тоа не беа само празни закани.“
Биле потребни 9 месеци за Зарифа да се врати, а тој период се прослави хаштагот #IwillFightForRight (Ќе се борам за право). Но, ова не значело дека нејзините проблеми завршиле.
Најпрво Зарифа свикала состанок со 20 службени лица од градската управа. Сите биле мажи, некои од нив доцнеле и речиси сите ја игнорирале. Тогаш Зарифа реагирала и им рекла:
„Ова е формален состанок. Ако некој има лични обврски, може да си оди.“
Ова ги натерало да ја слушаат, но откако излегла од просторијата, ги слушнала како се смеат.
Зарифа почнала и кампања „Чист град, зелен град“, а за таа цел бил собрани чистачи и помошници за да се исчисти градот.
Но, иако насекаде имало расфрлано ѓубре, речиси никој не сакал да ги земе ќесите за собирање отпад.
Во тој момент, со неа бил и репортер од New York Times, кој изјавил дека нејзината безбедност навистина била загрозена. Каде и да се појавела Зарифа, околу неа се собирала група мажи и деца кои се туркале.
Зарифа веќе добила смртни закани, но тоа не ја плаши и повеќе е загрижена за криминалците во владата.
Зарифа никогаш не очекувала да работи во влада. Завршила факултет во Индија, а после студиите основала популарна радиостаница за жените во Вардак.
Минатата година нејзиното семејство ја охрабрило да го полага испитот за работа во државните органи, а додека работела на нејзината магистерска теза, ја добила веста дека е именувана за градоначалник.
Неверојатната упорност на оваа жена, и покрај сиот презир и закани, навистина е за успех.
Сепак, имала и некаква поддршка. Кога била на состанок за изградбата на автопат, еден од присутните изјавил:
„Признајте ја и нејзината заслуга. Тој проект беше закочен добри 12 години, таа е овде само еден месец и проектот повторно се придвижи. Можеби е жена, но е моќна.“