Ексклузивни фотографии: Како изгледаат обидите за спасување на Нотр Дам во Париз?
- Детали
- четврток, 11 јули 2019
Речиси три месеци после пожарот во Нотр Дам во Париз, главниот архитект, Филипе Виленув, изјави дека сè уште постои ризик да се сруши покривот на историската градба.
Човекот одговорен за надгледувањето на конструкцијата на црквата вели дека ризикот од катастрофално рушење е можеби мал, но не може да се знае вистинската штета сè до крајот на годината.
Оние кои работат на реконструкцијата имаат навистина краток рок – претседателот Макрон изјави дека црквата треба да биде готова за пет години.
Но, Филипе смета дека сè уште не е добро позната висинската состојба на црквата, особено сега кога ентериерот е отворен на надворешни влијанија.
Рамката на покривот на црквата сега е само голем куп стопено олово. Самиот покрив е огромна дупка која засега е покриена со пластични прекривки и мрежа.
Останатите делови се изложени на дожд и високите температури. Токму на покривот, искра од непознат извор го започна пожарот на 15-ти април.
Сега, наредните неколку месеци, целта е да се расчистат остатоците од пожарот и срушениот покрив, но и да се отстранат цревата што беа користени за гасење на огнот.
Засега е опасно луѓе да работат во катедралата бидејќи која било манипулација или притисок може да предизвика дополнителна штета. Токму поради ова, архитектките и инженерите сè уште не можат да ја утврдат точната штета. Но, Филипе вели дека сензорите што биле инсталирани денот поле пожарот досега не забележале никакво движење што би укажувал на можно рушење.
Во внатрешноста на катедралата се употребуваат возила на далечинско управување за расчистување на отпадот. Но, ќе бидат потребни недели пред да се отстрани сè.
Секое делче што се отстранува е обележано и е сместено под шатор во дворот на црквата.
Францускиот претседател изјави дека црквата ќе биде повторно отворена за 5 години, најверојатно заедно со летните Олимписки игри во Париз во 2024-та година.
Но, овој рок е соочен со предизвици, вклучувајќи ја и дебатата за тоа дали катедралата да се редизајнира, или да се изгради иста како што беше.
Сепак, Филипе смета дека оваа одлука е далеку и дека сегашниот приоритет е расчистување на отпадот и подготвување на катедралата за реновирање.
Спирова С. | Црнобело