Грчки остров нуди бесплатна куќа, храна, земја и 500 евра доколку се преселите таму
- Детали
- петок, 21 јуни 2019
Прекрасниот грчки остров на југот на Пелопонез познат како Антикитера има само 20 жители. Поради малиот број жители и фактот дека без нив островот ќе пропадне, Грците нудат куќа, парче земја и 500 евра за секој којшто ќе се досели овде.
Високите карпи кои гледаат кон морето, скриените ливади и пештери што треба да ги откриете и малото село во кое времето е застанато нема да ве остават рамнодушни. Вo близина на Антикитера се наоѓа и Крит, до каде што се стигнува со траект за два часа.
Овој остров е навистина див, но токму недопрената природа е она што го прави шармантен. Морето е кристално и совршено за бањање, а на плажите нема воопшто гужва.
Доколку сакате да се исклучите, да избегате од светот и да почувствувате мир, ова е вистинското место за вас. На островот има само 3 села во кои доминираат белите куќи и тесните улици, но има и неколку гостилници и продавници.
Ништо на Антикитера не е ни слично на Миконос или Санторини, но ова е автентичната Грција.
Сепак, и покрај сето ова, изгледа дека туристите го избегнуваат, а локалните жители му свртеле грб на островот. Овде живеат од 20 до 40 луѓе, нема деца и сè што се случува е само во селото Потамос.
Поради ова се родила генијална идеја и била започната кампања за ново населување на островот, па се бараат луѓе кои сакаат да се доселат овде.
Се разбира, природните убавини не се доволно за ваква иницијатива, па на новодојдените им се нуди куќа, обработлива земја и 500 евра месечно во текот на првите 3 години.
Во понудата е вклучена дури и бесплатна храна. Сепак, неопходно е трајно да се преселите овде.
Засега околу 15 млади семејства се распрашувале за условите.
Спирова С. | Црнобело