Татко ѝ се самоуби додека ја бараше, таа се криела во Мексико: Детали за бизарното исчезнување што ја потресе јавноста
- Детали
- вторник, 17 декември 2024
Повеќе од еден месец јавноста и полицијата од САД трагаа по 30-годишната Хана која се водеше за исчезната. На крај се покажа дека самата се криела во Мексико и наводно била вмешана во лажен брак за американско државјанство. Што знаеме за бизарниот случај?
Исчезнувањето на Хана Кобајаши од САД повеќе од еден месец беше топ тема во светските медиуми.
На Хана ѝ се изгуби трагата на Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, па нејзиното семејство стравуваше дека е киднапирана и жртва на трговија со луѓе.
Беше започната огромна потрага, се собираа и пари преку Go Fund Me за да му се помогне на семејството, а среде целата мистерија со исчезнувањето, нејзиниот татко изврши и самоубиство.
И, на крај се покажа дека Хана воопшто не била исчезната, туку се криела во Мексико.
Детали за бизарниот случај што ја потресе јавноста:
На 8-ми ноември, Хана, која живее на Хаваи, слетала во Лос Анџелес, а планот бил оттаму да оди во Њујорк.
Била во друштво на бившиот дечко, но додека тој тргнал за Њујорк, Хана воопшто не се качила во авионот.
Следниот ден била забележана во книжарница во Лос Анџелес, додека на 11-ти ноември ѝ напишала порака на мајка ѝ, кажувајќи ѝ дека не стигнала во Њујорк.
Семејството на Хана почнало да се загрижува бидејќи во пораката таа рекла:
„Хакери ми го украдоа идентитетот, ми ги украдоа сите пари…
Ме измамија да им ги дадам сите пари“.
На 12-ти ноември, Хана била забележана како ја преминува границата на Мексико, а полицијата од Лос Анџелес веќе активно трагала по неа.
И татко ѝ на Хана се упатил кон Лос Анџелес, со надеж дека ќе ја најде ќерка си.
За жал, на 24-ти ноември бил пронајден мртов, а подоцна беше соопштено дека извршил самоубиство, најверојатно поради исчезнатата ќерка.
Два дена по трагичната смрт на татко ѝ, полицијата излезе со изјава дека Хана не е исчезната, туку своеволно се крие.
Семејството на младата жена реагираше бурно на овие изјави и тврдеа дека не се сигурни дека ќерка им е безбедна.
Јавноста, пак, го осуди семејството на Хана бидејќи тие веќе собираа пари преку Go Fund Me за да помогнат во нејзиното наоѓање.
Тогаш полицијата соопшти дека го прекинува барањето, но нејзиното семејство изјави дека не се откажува.
„Сакаме одговори и да бидеме сигурни дека Хана е безбедна.
Апелираме до надлежните од јавноста да останат фокусирани на нејзиното пронаоѓање и да се воздржат од шпекулативни заклучоци.
Зголемувањето на свеста и споделувањето проверени информации за нејзиниот случај е клучно, и многу ќе ни значи ако продолжите да ги поддржувате нашите напори“, гласи дел од изјавата.