Кристина од Велес го истетовира својот 76-годишен дедо: „Беше емотивен момент – доби тетоважа со значење“
- Детали
- среда, 11 декември 2024
„Ми рече: 'Веќе сум стар и не знам уште колку ќе можам да ги чувам пчелките и да правам мед, па сакам да ми истетовираш пчелка за секогаш да си ги гледам'. Беше многу емотивен момент, тој доби тетоважа со големо значење, изработена од својата внука, а јас искуство што никогаш нема да го заборавам“ - раскажува за CRNOBELO.com Кристина, тату артистка од Велес, која работи во Скопје.
Кристина Симјановска е родена во Велес, но љубовта ја однела во Скопје, каде што живее и работи како тату артист една година.
Таа се шегува дека по професија е мајка, а открива дека главниот виновник за љубовта кон тетовирањето е нејзиниот сопруг Димитар, кој го работи истото.
Иако се сретнала со повеќе различни ситуации во работата, неодамна ѝ се случила една од најубавите случки.
Таа сподели дека го тетовирала нејзиниот 76-годишен дедо, кој посакал својата прва тетоважа да е направена од неговата внука, а истата има посебно значење.
Без многу размислување, одбрал да му тетовира пчела, бидејќи се занимава со пчеларство, но не знае уште колку долго ќе може да биде посветен на неговите миленички - пчелите.
За CRNOBELO.com, Кристина раскажува подетално за оваа емотивна ситуација:
„Во оваа една година работење сретнав различни луѓе и карактери со многу разновидни приказни, но не очекував дека на ова 'жешко' столче ќе седне и мојот дедо Василе и дека ќе ја имам таа чест да оставам траен белег на неговата кожа.
Се случи спонтано и неочекувано во домашна атмосфера, ги тетовирав моите родители кои одамна сакаа да направат прва тетоважа, а во меѓувреме дојдоа дедо ми и баба ми.
Се смеевме на мајка ми дека се тетовира во присуство на родители и така дојде до момент да дедо ми од околу спомне дека сепак тетовирањето не било така страшно и дека било интересно.
Јас на шала му реков ајде дедо седнувај да те тетовирам, а тој веднаш седна и ми рече тетовирај ми пчела.
Пчелите се неговата љубов, тој долги години го прави најслаткиот мед и е максимално посветен на нив, но вели: Веќе сум стар и не знам уште колку години ќе можам да ги гледам пчелките, па сакам да ми истетовираш пчелка за секогаш да си ги гледам и кога нема да можам.
Беше многу емотивен момент, тој доби тетоважа со големо значење, изработена од својата внука, а јас прекрасно чувство и искуство што никогаш нема да го заборавам.
Така бидна првата тетоважа на мојот 76-годишен храбар дедо со млад дух, тој беше пресреќен кога го виде крајниот резултат, постојано до крајот на вечерта си ја гледаше тетоважата со неверување дека навистина се случи тоа.
За мене тоа беше прекрасен чин, ги срушивме бариерите во тетовирањето и докажавме дека како и во љубовта, така и во тетовирањето - не постојат граници“.
Доколку сакате и вие да ни раскажете интересна приказна од секојдневието или познавате некоја личност што сметате дека е инспиративна, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело