Кој е наследникот на една од најмоќните династии во Англија, кој си го уби единствениот пријател?
- Детали
- понеделник, 25 ноември 2024
Страдал од шизофренија, пробал да упадне во Бакингемската палата, а сега беше осуден за убиството на неговиот единствен пријател - кој е 24-годишниот Дилан Томас, наследникот на една од најмоќните династии во Обединетото Кралство?
Наследникот на една од најмоќните династии во Обединетото Кралство, Дилан Томас, неодамна беше осуден за убиството на негов пријател.
Дилан, кој е внук на милионерот сер Стенли Томас, го извршил злосторството минатиот Божиќ, а беше осуден сега, но уште не му е одредена казна.
Вооружен со два ножа, Дилан го нападнал другар му одзади и го избодел дури 37 пати на грбот и вратот.
Неколку детали за ладнокрвното убиство:
Дилан Томас ја запознал жртвата – Вилијам Буш – пред околу една деценија, бидејќи оделе во истото училиште.
А, тие не биле само соученици, туку и биле цимери.
Додека Вилијам Буш бил опишуван како популарна личност, Дилан, од друга страна, бил поповлечен и според некои изјави Вилијам му бил единствениот пријател.
Дилан Томас имал проблеми со менталното здравје, вклучувајќи и шизофренија. Па, неговите адвокати пробале да го искористат ова во негова одбрана.
Сепак, се покажало дека Дилан го планирал убиството, како и дека почнал да чувствува презир кон другар му откако тој му кажал дека сака да почне да живее со својата девојка.
Дотогаш, Дилан и другар му живееле заедно, во иста куќа.
Неколку недели пред инцидентот, блиските на Дилан забележувале дека менталното здравје му се влошува.
Тој дури и му пишувал пораки на Илон Маск и му понудил помош за да „го реши проблемот со гравитацијата“.
Во ноември 2023-та, пак, Дилан пробал да упадне во Бакингемската палата, по што бил спречен од полицијата и уапсен.
Ноќта пред убиството, Дилан престојувал кај неговата баба.
Истата вечер, на Гугл пребарувал за „анатомија на вратот“, што било еден од доказите дека убиството е планирано.
Следното утро, тој ја замолил баба му да го однесе во куќата каде што живееле со другар му.
Во меѓувреме, другар му Вилијам се подготвувал да оди во семејниот дом за да го прослави Божиќ.
Но, Дилан му пратил неколку пораки, во кои му рекол дека мора да се видат пред тој да замине.
Според изјавите на баба му, Дилан изгледал нервозно на патот до куќата.
Кога стигнале, баба му го чекала надвор во автомобилот, а Дилан влегол во куќата, зел два ножа од кујната, влегол во спалната на Вилијам и го избодел неколкупати.
Според соседите, од куќата се слушнало викање, по што Дилан излегол и панично почнал да тропа на прозорецот од автомобилот на баба му.
Ѝ рекол дека другар му полудел и пробал да го убие.
Дилан веднаш се јавил во полиција и го повторил истото – дека другар му пробал да го избоде.
Иако одбраната на Дилан тврдела дека тој не бил присебен за време на убиството поради шизофренија, судијата сепак го прогласил за виновен.
Казната ќе му биде изречена пред крајот на 2024 година.