По видеата на кои се прејадува и плаче, во тајност ослабел 100kg – Трансформацијата на јутјуберот Никокадо Авокадо
Во интервју за NBC News, тој вели дека разработил цел систем за да ги измами гледачите на Јутјуб.
„Ги едитирав видеата за да изгледаат како да се нови, а во меѓувреме, зад камерите, се фокусирав на лекувањето на моето тело“.
Никокадо си ја избричил и главата за да не го препознаваат во јавност, а неколку пријатели му помагале да ја зачува тајната.
И, подвигот е импресивен кога ќе се земе предвид дека на неколкуте канали на Јутјуб има над 8,6 претплатници, додека на ТикТок има над 10 милијарди прегледи.
Низ годините, јутјуберот неколкупати се обидуваше да ослабе, но секогаш завршуваше со плус килограми.
А, пред само три месеца сподели видео во кое вели дека се откажал од намерата да намали тежина.
„Па, некои луѓе се дебели. Прифатете го тоа. Мислите дека сме на оваа Земја за да гладуваме и да броиме калории?
Се обидував, не функционира. Прифатив дека сум дебел“, вели во видеото.
Поради изгледот, но и однесувањето во видеата, Никокадо честопати беше критикуван дека самиот си го уништува здравјето.
Сега, пак, вели дека луѓето слепо ги следат туѓите коментари и така оформуваат мислење за некоја личност.
„Го направив најголемиот социјален експеримент. Луѓето ќе ’консумираат‘ што ќе им понудите…
И, вие ќе продолжите да ги ’консумирате‘ сите приказни за мене“, вели тој, алудирајќи на гласините и лоши коментари кои се ширеа за него.
Според она што го кажува, сите видеа на кои се прејадува, плаче и се распара со партнерот биле инсценирани за да му ја зголемат гледаноста.
Во коментари на последното видео, корисниците дискутираат за тоа како ослабел – некои сметаат дека користел Оземпик, додека некои се сигурни дека направил операција на желудникот.
Сепак, повеќето сметаат дека целиот подвиг е генијален бидејќи дефинитивно требало да се подготви добро.
Новото видео на јутјуберот во продолжение:
Спирова С. | Црнобело