Британскиот Бил Гејтс исчезна со ќерка му: Потона јахтата во Сицилија каде го славел ослободувањето од притвор
- Детали
- вторник, 20 август 2024
Основал софтверска компанија која ја продал за 11 милијарди долари на гигантот HP, а потоа 13 години се борел да докаже дека не извршил финансиска измама. Британскиот тајкун Мајк Линч исчезна по бродска несреќа во Сицилија, само 2 дена откако неговиот финансиски директор беше прегазен од автомобил.
Светските медиуми ја пренесуваат веста за потонувањето на јахтата Bayesian во близина на Палермо во Сицилија, на која се наоѓал британскиот софтверски тајкун Мајк Линч (59), неговата 18-годишна ќерка Хана, неговата сопруга Анџела, како уште деветмина други гости и 10 членови на екипажот.
Несреќата се случила вчера (19.08) околу 4 часот изутрината, кога јахтата била зафатена од голема бура и потонала.
Во моментов шест лица се водат за исчезнати, меѓу кои и Мајк Линч и неговата 18-годишна ќерка, а властите стравуваат дека е многу мала веројатноста тие да бидат пронајдени живи.
Сопругата на тајкунот, Анџела Бакарес (57), која ја преживеала несреќата, вели дека околу 4 часот наутро, јахтата се навалила, по што стаклата почнале да се кршат.
На бродот се наоѓала и Шарлот Голунски, која едвај успеала да го спаси своето бебе во несреќата.
Таа вели дека се разбудила во силна бура и грмотевици и ѝ наликувало како светот да се руши, пред да биде исфрлена од бран во водата заедно со нејзината 1-годишна ќерка.
„На 2 секунди ја загубив ќерка ми во морето, а потоа успеав да ја прегрнам и да ја спасам во разбрануваните води.
Ја држев над водата со сета моја сила и со испружени раце и не дозволував да се удави.
Беше темно. Врескав и барав помош, но единствено можев да ги слушнам повиците за помош на другите околу мене“ – вели таа за италијанските медиуми.
Во близина имало холандски брод, а по завршувањето на бурата, екипажот забележал дека јахтата што била зад нив ја снемало.
Виделе сигнализација за помош, по што се упатиле назад кон местото на несреќата, каде нашле спасувачки брод на кој имало 15 преживеани лица, а некои од нив имале сериозни повреди.
Кој е британскиот Бил Гејтс и зошто неговото исчезнување предизвика толку голем интерес?
Британскиот тајкун Мајк Линч, е попознат и како британски Бил Гејтс, затоа што благодарение на својата софтверска компанија успеал да заработи богатство од околу 965 милиони долари.
Тој во 2011-та година ја продал својата компанија Autonomy на гигантот од Силиконската долина Hewlett-Packard (HP) за вртоглави 11 милијарди американски долари, но по ова се соочил со сериозни проблеми.
Само една година подоцна, Hewlett-Packard бараше отпис од 8,8 милијарди долари за купувањето на компанијата, со појаснување дека во фирмата на Линч се најдени сериозни сметководствени неправилности.
Поранешниот финансиски директор на компанијата на Линч, Сушован Хусаин бил осуден на пет години затворска казна во 2018-та година, откако било утврдено дека извршил финансиска измама за време на продажбата.
Во 2022-ра и Линч го загубил случајот во кој беше обвинет за финансиски малверзации и измами, а поголемиот дел од времето во изминатите 13 години го поминувал во куќен притвор, со електронска алка на ногата.
Нему му се закануваше 20 години затворска казна во САД, доколку беше обвинет за заговор, за измама со акции и трансфери.
Пред околу два месеци, во јуни годинава, Линч беше ослободен од 15-те обвиненија, а со патувањето на супер-јахтата во Сицилија сакал да го прослави почетоткот на новиот живот и среќниот крај на долгогодишната борба во која се трудеше да си го поправи имиџот.
Бродската несреќа следува само неколку дена откако Стефан Чемберлејн, поранешниот колега на Линч, со кого заедно се бореа во случајот со обвинувањата за измама, почина откако беше удрен од автомобил.
Чемберлејн работел како потпретседател на одделот за финансии во компанијата на Линч.
Според информациите, тој во саботата (17.08) бил удрен од автомобил додека трчал и веднаш им подлегнал на повредите.
Б. С. Б. | Црнобело