Индијка (16) станала модел за да го спаси семејството од сиромаштија: „Сакам да купам куќа за татко ми“
- Детали
- четврток, 11 јули 2024
16-годишна Индијка почнала кариера како модел откако била забележана од холивудски актер. Таа вели дека била среќна и во сиромашниот кварт во Мумбај, но сонува да купи куќа за татко ѝ кој се грижел за неа.
Малиша Карва од Индија потекнува од сиромашен кварт во Мумбај.
16-годишната девојка работи како модел и се надева дека ќе заработи доволно пари за да го извлече семејството од сиромаштија.
До неодамна, таа живеела со татко ѝ, брат ѝ и сестра ѝ во нелегална градба, а нејзиниот најголем сон е да му купи куќа на семејството.
Позната и како „принцезата од сиромашните квартови“, Малиша добила можност за кариера како супермодел благодарение на холивудски актер.
Имено, во 2020 година, актерот Роберт Хофман ја видел Малиша кога бил на патување во Индија.
Сфатил дека малата убавица може да стане успешен модел. Па, откако добил дозвола од татко ѝ, ѝ помогнал да си направи Инстаграм профил кој сега има скоро половина милион следбеници.
Тој започнал и кампања на GoFundMe со цел да собере пари за храна, засолниште и образование на нејзиното семејство.
Не поминало многу време пред Малиша да биде забележана, па сега таа е заштитно лице на луксузен бренд, а се има појавено и на насловните страници на Cosmopolitan India и The Peackock.
Во документарец кој се емитуваше на почетокот од годинава, Малиша вели дека во домот во којшто живеле немале ни струја.
Нејзиното семејство живеело на истото место над 20 години, но постојано стравувале дека ќе бидат избркани од надлежните.
„Доаѓаат со булдожери и рушат куќи… Обично ги рушат во сезоната на дождови, кога е тешко одново да се изградат“.
Поради ова, Малиша се надева дека ќе стане успешна.
„Од парите што ќе ги заработам, сакам да купам голема куќа за татко ми бидејќи тој се грижи за нас“, вели девојката во документарецот.
На својот Инстаграм профил, таа споделува фотки од нејзините ангажмани, но покажува и детали од секојдневието во квартот.
Во интервју од 2022 година, Малиша откри во какви услови живеле со семејството – покрај тоа што немале струја, некогаш немале ни чиста вода.
Но, таа истакнува дека била среќна и покрај сиромаштијата.
„Чудно ми е што луѓето ме прашуваат како може да бидам среќна. Мислат дека не е нормално да бидам среќна бидејќи сум сиромашна…
Но, јас си го сакам животот. Можете да бидете среќни дури и ако немате голема куќа или убав автомобил.
За мене, поважно е што имам семејство што ме сака и поддржува и пријатели кои се грижат за мене“.
Малиша се надева и дека еден ден ќе има можност да се образува.
„Отсекогаш сум сакала да учам. Татко ми е среќен кога добивам добри оценки, па се трудам. Обилен предмет ми е англиски.
Сепак, за да преживееме со семејството, мораме да работиме и други работи. Некогаш одам на филмски сетови и се надевам дека ќе ме искористат како статист.
Всушност, поради ова се заинтересирав за работа како професионален модел!“
Актерот Роберт кој ѝ помогнал на Малиша, ја запознал токму на филмски сет.
„Ја запознав кога со семејството дојде на мојот сет и проба да добие улога. Знаев дека има добра шанса да биде најмена, но знаев и дека ѝ требаат други работи, како образование, храна и засолниште.
Ме импресионира уште веднаш – сака да му помогне на семејството, се однесува како лидер, има добри оценки и се фокусира на училиштето.
Сакав да ѝ помогнам да добие подобра шанса да си ги оствари соништата“.
Благодарение на нејзините ангажмани, Малиша и семејството успеале да се иселат од квартот и сега живеат во мал стан.
Малиша открива и дека со заработката, успеала да му помогне на татко ѝ да исплати дел од неговите долгови.