Прво јавно обраќање на Кејт Мидлтон по подолго време, најави дека викендов ќе се појави во јавност
- Детали
- петок, 14 јуни 2024
„Со нетрпение очекувам да присуствувам на роденденската парада на кралот овој викенд со моето семејство“ – најави Кејт Мидлтон, откако неколку месеци наназад се шират гласини за нејзината здравствена состојба, па некои дури и коментираа дека е возможно таа воопшто да не им се врати на должностите во целост.
По неколкумесечните ширења гласини поврзани со здравствената состојба на принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, таа на Инстаграм објави нова фотографија и појасни како се чувствува во моментов.
„Воодушевена сум од сите љубезни пораки за поддршка и охрабрување во последните неколку месеци. Навистина многу ни значеше и мене и на Вилијам и ни помогна на двајцата да се справиме со некои од потешките времиња во нашите животи.
Добро напредувам, но како што знае секој што поминува низ хемотерапија, има добри и лоши денови.
Во тие лоши денови се чувствувате слабо, уморно и морате да му дадете одмор на телото. Но, во добрите денови, кога се чувствувате посилни, сакате максимално да го искористите тоа“ – рече меѓу другото Кејт.
Таа нагласи дека нејзиното лекување е во тек и ќе трае уште неколку месеци, но нагласи дека викендов, по неколку месеци повлечен живот повторно ќе се појави во јавност.
„Во деновите кога се чувствувам доволно добро, задоволство е да се вклучам во училишниот живот, да трошам време на работи кои ми даваат енергија и позитивност, како и да почнам да работам малку од дома.
Со нетрпение очекувам да присуствувам на роденденската парада на кралот овој викенд со моето семејство и се надевам дека ќе се приклучам на неколку јавни ангажмани во текот на летото, иако знам дека сè уште не сум ја победила болеста“ – рече таа.
„Учам како да бидам трпелива, особено со неизвесноста. Да живеам ден за ден, да го слушам моето тело и да си дозволам да го одвојам толку потребното време за заздравување.
Ви благодарам многу за вашето континуирано разбирање и на сите вас кои толку храбро ги споделивте вашите приказни со мене“ – рече Кејт за крај.
За потсетување, Кејт за последен пат се појави во јавност во декември минатата година, а по неколкумесечни шпекулации за нејзината здравствена состојба, таа се огласи преку видео и соопшти дека боледува од рак.
Б. С. Б. | Црнобело