Кејт Мидлтон (42) откри дека ѝ дијагностицирале рак: „Беше огромен шок, одам на превентивна хемотерапија“
- Детали
- петок, 22 март 2024
Кејт Мидлтон вечерва првпат се појави во јавноста по декември 2023, и по сите шпекулации за нејзиното здравје, во видео обраќање, кое се емитуваше на BBC, откри дека лекарите ѝ дијагностицирале рак.
Во видеото, принцезата од Велс вели дека ракот ѝ е дијагностициран по операцијата на абдоменот во јануари 2024 и дека е во рана фаза на лекување, но и дека превентивно почнала лекување со хемотерапија.
Таа во видеото вели и дека дијагнозата ѝ била огромен шок по „неверојатно тешките неколку месеци низ кои поминала“.
„Јас сум добро и секој ден станувам посилна“, вели во позитивната порака до јавноста.
Во изјавата на принцезата, таа објаснува дека кога имала операција на абдоменот во јануари, не се знаело дека има рак.
„Тестовите по операцијата покажаа дека имало рак и затоа мојот медицински тим ме советуваше да поминам превентивна хемотерапија и сега сум во раните фази на тој третман“, вели Кејт.
Таа додава и дека нејзините мисли се со сите оние кои боледуваат од оваа болест и им порача да не губат надеж.
„Вилијам и јас правевме сè што можеме за ова да остане приватно за доброто на нашето семејство. Ни требаше време да им објасниме сè на Џорџ, Шарлот и Луи на начин што е соодветен за нив и да ги увериме дека ќе бидам добро“, додава таа.
Деталите за ракот не се откриени, но од Кензингтонската палата велат дека се уверени дека принцезата целосно ќе закрепне.
Погледнете го видео обраќањето на Кејт:
https://www.instagram.com/reel/C402JKPtLVB/
Прочитајте и Прво видео од Кејт Мидлтон откако исчезна - Јавноста верува дека е нејзина двојничка
А. Ј. | Црнобело