Била пресреќна што се мажи за милионер, и по 42 години никој не знае каде е - Морничавата приказна на Кејтлин Мекормак
- Детали
- понеделник, 03 јуни 2024
По само два состаноци ја убедил да почне да живее со него. Таа го придружувала на сите важни настани во високите кругови, па дури и абортирала за тој да биде среќен. Морничавата приказна на Кејтлин Мекормак која 40 години се смета за исчезната, а нејзиниот сопруг беше обвинет за нејзиното убиство.
Во 2021-ва година милионерот Роберт Дерст беше обвинет за убиството на неговата сопруга Кејтлин Мекормак, речиси 40 години по нејзиното исчезнување.
Нивната морничава приказна во тоа време привлекуваше внимание и е една од приказните што со години будела интерес кај креаторите на криминалистички документарни серии.
Роберт на возраст од 78 години беше осуден на доживотна казна затвор, а почина во 2022-ра година, само неколку години по издржувањето на казната.
Кејтлин Мекормак била мошне млада девојка кога го запознала нејзиниот сопруг Роберт Дерст во 1972-ра година. Таа имала само 19 години, а тој 27.
Кејтлин била девојка која израснала во Њујорк, а уште додека била во средно образование работела на повеќе работни места за да се издржува.
Нејзиниот живот значајно се променил кога го запознала наследникот на богатата империја со недвижнини, Роберт Дерст.
Тие почнале да се забавуваат во 1971-ва година, а по само 2 состаноци тој ја убедил да се пресели заедно со него во Вермонт, каде заедно имале продавница за здрава храна.
Сепак, тие не останале долго таму и се вратиле во Њујорк.
Во 1973-та година стапиле во брак и заедно оделе на патувања, а во Њујорк редовно биле гости на забавите и на познатите настани во високите кругови и познатите клубови во тоа време.
Но, иако на изглед Кејтлин живеела живот на принцеза, зад затворени врати никој не знаел низ каков кошмар поминувала.
Во 1976-та година таа дознала дека е бремена и сакала да го задржи бебето, но сопругот ја присилил да абортира.
Нејзиното семејство го пронашло нејзиниот дневник, каде пишувало дека на „пат кон болницата сопругот ѝ фрлил вода врз главата“.
Кејтлин исто така пишувала дека за време на бракот, Роберт честопати знаел да ѝ удри шлаканица или бокс, а нејзиното семејство имало можност да види како тој ја влече за коса затоа што не сакала да си оди од забавата каде што присуствувале заедно.
Кејтлин не сакала да ги послуша советите и да го напушти сопругот којшто ја малтретирал, но сепак се запишала на медицински факултет и сакала да изгради сопствена кариера.
Но, само неколку месеци пред да ја земе дипломата, ѝ се губи секаков траг.
Според официјалната приказна, на 31-ви јануари 1982-ра година Роберт ја однел Кејтлин на железничка станица, каде се качила на воз за Менхетн, а потоа исзчезнала.
Нејзиното исчезнување го пријавил „загрижениот сопруг“, но пет дена подоцна.
Тој дури и рекол дека таа му се јавила истата вечер од говорница и му потврдила дека стигнала во нивниот стан.
На тој начин тој од самиот почеток го оттргнал вниманието на полицијата од себеси, а никој не можел да открие што всушност се случило со Кејтлин.
Семејството на Кејтлин и нејзините блиски пријатели биле уверени дека Роберт бил виновен за нејзиното исчезнување, но не можеле да најдат доволно докази за да докажат дека тоа е така.
Според сведоштвото на еден од соседите во Менхетн, една вечер Кејтлин се качила на неговиот балкон и го молела да ѝ отвори затоа што сопругот ѝ се заканувал со пиштол и бил насилен кон неа.
Во 1990-та година, 8 години по исчезнувањето на Кејтлин, Роберт легално се развел од неа, тврдејќи дека таа го напуштила и не сакала да комуницира со него, а случајот за убиството на Кејтлин бил затворен како нерешен.
Во 2000-та година, 18 години по исчезнувањето полицијата повторно го отворила случајот, а истата година Роберт одлучил да исчезне.
Се верува дека се скрил во Тексас, каде живеел во стан и се претставувал како нема жена со име Дороти Сајнер.
Исто така, во овој период без никој да знае стапил во брак со Дебра Чартан, која работела како трговец за недвижности.
Роберт со втората сопруга
Во декември истата година, неговата добра пријателка Сузан Берман била најдена мртва, но со оглед на тоа што таа била ќерка на мафијашки шеф од Вегас, сомнежот за нејзиното убиство паднал врз други луѓе.
Во септември 2001-ва година во Тексас, било најдено распарченото тело на соседот на Роберт, Морис Блек, по што милионерот конечно бил обвинет за убиство.
Но, во 2003-та тој успеал да докаже дека убиството го извршил во самоодбрана и да биде ослободен од обвиненијата.
Можеби никој немало да дознае за трите убиства, но во 2010-та година, откако режисерот Ендрју Јарецки објавил филм за животот на милионерот, насловен All Good Things, Роберт побарал да ја раскаже својата приказна во документарен филм.
За време на снимањето на филмот насловен The Jinx: The Life and Deaths of Robert Durst биле откриени повеќе детали поврзани со убиствата, па дури бил и снимен како зборува во тоалетот:
„Што направив? Сите ги убив, секако. Ете, ме фативте!“
Роберт бил уапсен во 2015-та година.
За време на неколкугодишното судење, обвинителите верувале дека Роберт прво ја убил неговата прва сопруга Кејтлин.
Потоа, другарката Сузан ја убил затоа што таа сакала да оди во полиција и да каже што навистина се случило со Кејтлин, а старецот Морис Блек бил убиен затоа што успеал да го открие вистинскиот идентитет на милионерот, додека живеел во бегство во Тексас.
Роберт со најдобрата другарка Сузан
Тој беше обвинет за сите три убиства, но засега никој не знае што точно се случило со неговата прва сопруга.
Роберт никогаш не признал што направил со нејзиното тело, а властите не веруваат дека некогаш ќе имаат можност да одговорат на овие прашања.
Б. С. Б. | Црнобело