Ја уби бремената девојка на пренос во живо, доби само 6 години затвор – Каде е денес Станислав Решетников?
- Детали
- петок, 09 февруари 2024
Во 2020-та година, светската јавност беше згрозена кога неговото видео во кое ја малтретираше и ја уби бремената девојка вирално се прошири на социјалните мрежи. Станислав Решетников првично беше осуден на 6 години затвор, а по само 4 години, доби олеснување на казната. Каде е денес озлогласениот јутјубер?
Во 2020-тата година, светската јавност беше згрозена кога беше објавена приказната за рускиот јутјубер Станислав Решетников, попознат како Stasa Reeflay, кој ја уби својата бремена девојка на пренос во живо на Јутјуб, откако неговите гледачи му платија за да ја малтретира.
Станислав беше меѓу попознатите „треш стримери“ во Русија, односно јутјубери кои добиваа големи донации за да снимаат грозоморни чинови на Јутјуб.
Станислав, кој тогаш имаше 30 години, ја избрка неговата полугола девојка Валентина Валја Григорјева (28) на балкон на минусни температури, откако гледачите му платија 1.000 долари за да го направи тоа.
Тој ја соблече Валја во долна облека, ја полеа со студена вода и ја заклучи на балкон, тврдејќи дека требало да се отрезни.
Настанот се случи во неговиот дом во селото Ивановка, во близина на Москва, а тој продолжи со преносот дури и откако сфати дека Валентина е полумртва. Се верува дека по 15-те минути поминати надвор, Валја била мртва, но тој продолжи со преносот уште цели два часа потоа.
Гледачите имаа можност да го гледаат грозоморното видео во кое тој се обиде да ја оживее девојката, во кое ѝ удираше шлаканици и ѝ велеше:
„Валја дали си жива? Зајче, што ти се случува? Зајче ајде... кажи нешто. Загрижен сум... Леле. Нема пулс...“
По ова тој повика брза помош, но беше предоцна. Девојката беше мртва.
Инаку, ова не било прво видео од ваков тип. Станислав редовно добивал донации за да ја малтретира девојката, а во едно од нив ја испрскал со солзавец во спреј.
По видеото со убиството, Решетников веднаш бил пренесен во притвор и иако првично тврдел дека неговата девојка се предозирала со опојни супстанци, истрагата утврдила дека таа починала од хипотермија.
Исто така, Валја имала и видливи повреди на лицето и главата, затоа што тој претходно ја удирал за да ја извади надвор.
Иако Станислав се соочуваше со затворска казна во траење од 15 години, на крајот доби само 6 години затвор и беше обвинет за ненамерно убиство. Тој ја отслужуваше казната во казнена колонија со максимална безбедност.
Сега, речиси 4 години подоцна, руските медиуми пренесуваат дека била донесена одлука Станислав да биде пуштен од затвор заради добро однесување и во следните две години да ја отслужи казната со принудна работа.
Во следните две години, Станислав ќе биде однесен на локација каде што ќе се занимава со принудна работа, а државата ќе му задржува околу 15 отсто од неговата плата.
Се верува дека Решетников добил олеснување на првичната казна затоа што отслужил повеќе од половина затворска казна, покажал каење и напорно работел во затворот.
Б. С. Б. | Црнобело