Мајка му го киднапирала, па го однела да живее во култ: Детали за детето од Англија по кое се трагаше 6 години
- Детали
- петок, 15 декември 2023
Пред шест години, тогаш 11-годишниот Алекс од Англија отишол на одмор со мајка му и дедо му. Неговиот старател била баба му, но мајка му не го вратила кај неа и оттогаш му се губи секаква трага. Сега, цели шест години подоцна, Алекс е најден и открил дека мајка му го киднапирала и го однела да живее во изолирана заедница во Франција. Тој успеал да избега и планирал пеш да стигне од Франција до Англија, но за среќа бил спасен од студент кој му помогнал да отиде во полиција.
Алекс Бати од Англија е дете кое се водеше за исчезнато од 2017 година.
Сега, британските медиуми споделуваат дека конечно е пронајдено живо и наводно сите овие години живеело во некаков култ, откако било киднапирано, и тоа од неговите мајка и дедо.
Daily Mail пренесува дека момчето, кое сега има 17 години, само избегало од заедницата во којашто било однесено и било пронајдено од случаен минувач.
Баба му, која има старателство врз него, деновиве треба да се сретне со него.
Стара фотографија од Алекс
Во 2017-та, тогаш 11-годишниот Алекс отишол на одмор во Шпанија со мајка му Мелани и дедо му Дејвид.
Но, тие не го вратиле кај баба му, која му е и старател.
Уште во 2018-та, баба му била сигурна дека детето е киднапирано од ќерка ѝ и нејзиниот поранешен сопруг, односно мајката и дедото на малиот Алекс. Таа била убедена и дека го имаат однесено да живее во некоја заедница, но немала докази што го потврдуваат тоа, ниту пак знаела каде би можеле да се лоцирани.
Сега, откако момчето е најдено, Daily Mail пренесува дека живеело во заедница во Франција која наликува на култ и е целосно изолирана од општеството. Истовремено, детето не одело на училиште.
Бабата на Алекс која му е и старател
За британските медиуми се огласи и тетката на момчето која вели дека е загрижена за неговата состојба.
„На Алекс му е испран мозокот од религијата на неговиот дедо. Сите овие години не одел на училиште, па не знаеме каков ќе биде кога ќе се врати дома. Не му било лесно.
Ни кажаа дека Алекс избегал од заедницата бидејќи не сакал таков начин на живот. Јас само сакам да ја дознаам вистината“.
Според сегашните информации, Алекс успеал да избега од заедницата во Франција и четири дена одел пеш низ државата со надеж дека ќе стигне во Англија кај баба му.
Фотографија на која се претпоставува дека се членовите на заедницата
Имал огромна среќа бидејќи по пат го сретнал студент од Тулуз.
Кога го сретнал студентот во 2 часот наутро во средата (13.12), Алекс бил преморен, жеден и гладен.
Село во Франција во областа каде што бил пронајден Алекс
Студентот без двоумење му помогнал, а Алекс го позајмил неговиот телефон за да ѝ прати порака на баба си.
„Здраво бабо. Јас сум, Алекс, и се наоѓам во Франција во Тулуз и навистина се надевам дека ќе ја добиеш оваа порака. Те сакам и сакам да си дојдам дома“, гласи пораката, пренесува Daily Mail.