Може ли да се најдат телата на починатите во „Титан“ + Вработен во 2018-та добил отказ, откако изјавил дека подморницата не е безбедна
- Детали
- петок, 23 јуни 2023
Уште во 2018-та година поранешен вработен на OceanGate предупредил дека може да дојде до имплозија на подморницата и бил отпуштен затоа што премногу прашувал. Сега, 5 години подоцна се случи трагедија во која животот го загубија 5 лица. Како ќе продолжи истрагата по пронајдените остатоци?
Очајната потрага по преживеани во малата подморница „Титан“ беше завршена во четвртокот (22.06) кога во непосредна близина на потонатиот брод „Титаник“ со помош на далечински управувано возило беа најдени остатоците на дното на Северноатлантскиот Океан.
Крајбрежната стража на САД во официјалното обраќање до јавноста потврди дека остатоците од подморницата се пронајдени, но дека засега не се најдени телата на лицата што биле во неа, и се верува дека никој од нив не можел да ја преживее имплозијата.
Се верува дека генералниот директор на OceanGate, Стоктон Раш, францускиот воен ветеран и нуркач Пол Анри Наржоле, британскиот милијардер Хамиш Хардинг, пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман починале веднаш.
Адмиралот Џон Маугер од Крајбрежната стража на САД во својата изјава за јавноста рече дека потрагата на дното на Северноатлантскиот Океан ќе продолжи и во наредните денови.
По ова се поставува прашањето: „Дали воопшто е возможно да се најдат телата на жртвите и по што ќе се трага деновиве?“
Дали подморницата ќе биде извлечена од морското дно?
Daily Mail, повикувајќи се на изјави од експерти пишува дека заради разорната трагедија и длабочината на која што се случила (на околу 4km под површината) многу мали се шансите да се најдат тела на починатите лица.
„Условите на морското дно се мошне сурови. Остатоците од подморницата укажуваат на катастрофална имплозија на подморницата...
Продолжуваме да работиме и да го пребаруваме морското дно. Екипите на потрагата немаат одговор на прашањето дали е можно да се најдат телата на починатите“ – рече Пол Ханкин, експерт за морски длабочини.
Се знае дека подморницата „Титан“ се распаднала на пет поголеми делови, но засега не се знае дали деловите ќе бидат извлечени од длабочините на морското дно, иако во моментов тимовите на потрагата располагаат со соодветна опрема за да го направат тоа.