Родителите биле на вечера кога таа исчезна, ги обвинуваа дека го скриле нејзиното тело – Која е Медлин МекКен, девојчето по кое се трага 16 години?
- Детали
- недела, 28 мај 2023
Поминаа 16 години од денот кога исчезна, но целиот свет сѐ уште трага по Медлин МекКен, девојчето со британско потекло, кое беше земено од креветот додека спиеше во Португалија. Што знаеме за мистериозното исчезнување на 3-годишното девојче со впечатлива состојба на очињата по кое трага цел свет?
„Те сакаме и те чекаме. Никогаш нема да се откажеме од потрагата“ – со овие зборови пред само неколку денови родителите на Медлин МекКен го означија нејзиниот 20-ти роденден.
Според најновите информации за случајот за исчезнувањето на девојчето, полицијата добила дојава дека главниот осомничен за киднапирањето на девојчето, Кристијан Брукнер бил забележан во областа околу резервоар во Португалија, неколку дена по исчезнувањето на Медлин.
Од 22-ри мај, годинава, полицијата почна потрага во резервоарот Барагем до Араде, кој се наоѓа на околу 60km од Праја да Луз во Португалија од каде исчезна девојчето.
Во надеж дека ќе најдат докази за тоа што навистина се случило со Медлин, полицијата истражува и во браната и езерото што се наоѓаат во резервоарот – трагаат по остатоци од облека или други предмети што би можеле да укажат на тоа што се случило.
Потрагата по докази и официјално беше завршена во четвртокот (25.05), а полицијата информира дека е собран одреден материјал, но ќе биде потребно време за да се извршат испитувања.
Фотографиите на Медлин во изминатите 16 години постојано се споделуваа во светските медиуми, а полициите од три земји сѐ уште трагаат по девојчето кое имаше впечатлива состојба на окото, позната како колобома на ирисот, која предизвикува зеницата да изгледа растечено.
Што знаеме за мистериозното исчезнување на девојчето?
Маделин е најстара ќерка на Кејт и Џери МекКен, лекари кои се запознале во 1993-та во Глазгов. Кејт е лекарка по општа пракса, а Џери е кардиолог и професор на Универзитетот Лечестер.
Кејт и Џери се венчале во 1998-ма година, а во 2003-та година, по неколкугодишна борба со неплодност, ја добиле ќерката Медлин. Две години подоцна во 2005-та година ги добиле близнаците Амели и Шон.
Во мај, 2007-ма година семејството било на одмор во Праја де Луз во Португалија. Вечерта кога исчезнала Медлин, Кејт и Џери биле на вечера со пријатели во ресторан што се наоѓал на 100-тина метри од апартманот каде што биле сместени, а децата спиеле сами.
Кејт и Џери имале договор на секој час да ги проверуваат децата. Прво Џери проверил што се случува и видел дека сите 3 деца се тука (3-годишната Медлин и нејзините брат и стестра близнаци), а кога Кејти дошла да провери еден час подоцна (околу 10 часот вечерта), најстарата ќерка ја немало во собата.
По ова веднаш била повикана полицијата, па дури и гостите од хотелот се вклучиле во потрагата по девојчето, но никој не можел да ја најде.
Девет дена подоцна португалската полиција излегла со тврдење дека веруваат оти девојчето е живо и сѐ уште е во Португалија, но вистината е дека немале никакви докази за тоа што навистина се случило таа вечер.