Носи маска заради повредата на носот, „паѓа“ на постари девојки – Факти за најзгодниот фудбалер на хрватската репрезентација Јошко Гвардиол
- Детали
- вторник, 13 декември 2022
Имал само 4 години кога Лука Модриќ почнал да игра за фудбалската репрезентација на Хрватска, тврди дека првиот тренер го понижувал, а од заработката од фудбал на своите скромни родители им купил куќа – Што знаеме за Јошко (малиот Пеп) Гвардиол, најмладиот играч на хрватската репрезентација?
Јошко Гвардиол или како што многумина го нарекуваат „малиот Пеп Гвардиол“ деновиве е еден од најпопуларните фудбалери во хрватската репрезентација.
На возраст од само 20 години тој успева да го украде вниманието на присутните, а според многумина е еден од најдобрите играчи што на Хрватска ѝ помогнаа да се пласира во полуфиналето во Катар.
Затоа странските медиуми шпекулираат дека голем број светски признати клубови се заинтересирани да го „купат“ младиот Хрват и да го донесат во своите редови.
Се проценува дека Јошко денес има богатство од околу 2 милиони долари, важи за еден од најзгодните хрватски фудбалери, а прекарот Пеп го добил заради сличноста на презимето со менаџерот на Манчестер Сити, Џозеф „Пеп“ Гвардиола.
Во продолжение повеќе интересни детали за Јошко (Пеп) Гвардиол:
Јошко е роден во 2002-ра година и имал само 4 години кога капитенот на репрезентацијата Лука Модриќ за првпат играл за хрватската репрезентација во 2006-та година. Се сеќава дека на 6-годишна возраст се нацртал себе во дрес на Динамо Загреб, а 12 години подоцна на истиот тој клуб ќе му помогне да освојува трофеи.
Јошко потекнува од скромно семејство. Неговиот татко Тихомир е рибар, кој немал премногу големо богатство, но затоа од најмали нозе го научил својот син на истрајност, упорност и издржливост.
„Да не бев фудбалер, веројатно ќе тргнев по неговите стапки. Порано кога тренинзите беа пократки се случуваше да одам кај него во рибарницата и да седам со него. Мирисот на рибата никогаш не ми пречел“ – рече Јошко.
Јошко има уште две постари сестри, а вели дека како дете за малку сакал да се откаже од фудбалот заради еден тренер кој не му дозволувал да игра и постојано го чувал на клупа.
„Одев на тренинг со голема желба, а таму некој ме понижуваше. Имав проблем, затоа што имав настава попладне, па татко ми ме чекаше пред училиште, ме возeше, јадев сендвич во автомобилот, додека одев на тренинг. И таму се случува сѐ и сешто.
Ќе дојде натпреварот, не играм или ќе влезам малку. Се прашував, зошто тренирам кога давам сѐ од себе, а не играм? Сфатив дека нема постојано да биде истиот тренер. Дојде нов тренер, ме виде колку вредам и ете...“ – раскажа во една прилика Гвардиол.