Што се случува со телото и мозокот кога гледаме фудбал?
- Детали
- четврток, 15 декември 2022
Кога нашиот тим победува или игра добро, мозокот започнува да ослободува допамин, кој е директно вклучен во регулирањето на центрите за задоволство на мозокот. Но, што му се случува на нашето тело кога нашиот тим губи?
Фудбалот е најпопуларниот спорт на планетата и милијарди луѓе гледаат натпревари на телевизија или во живо секоја година.
Големите љубители на фудбалот, оваа година за време на Светското првенство се соочуваат со високи издигнувања и екстремни падови кои доаѓаат со гледање на нивните омилени тимови како играат и победуваат, а понекогаш и губат.
Но, дали некогаш сте се запрашале што се случува со вашето тело и мозок кога гледате фудбал?
Дејвид Езел, лиценциран професионален советник и извршен директор на центар за советување наречен Дариен Велнес, смета дека возрасните луѓе имаат специјализирани неврони во својот мозок, наречени огледални неврони, кои ни овозможуваат да ги разбереме луѓето со поинакви перспективи.
Овие неврони ни овозможуваат да бидеме поемпатични, да се ставиме на местото на друга личност и да замислиме низ што поминува во одреден момент.
Тој за NBC News споделува:
„Овие чувства се зголемуваат кога го гледаме нашиот омилен фудбалски тим или играч. Кога ги гледаме на теренот, доживуваме дел од чувствата што ги имаат бидејќи нашите огледални неврони работат“.
Додека пак, според д-р Ричард Шустер, клинички психолог и водител на подкастот The Daily Helping, кога вашиот тим победува или игра добро, мозокот започнува да ослободува допамин, кој е директно вклучен во регулирањето на центрите за задоволство на мозокот.
Спротивно на тоа, кога вашиот тим има слаби резултати или губи, мозокот произведува кортизол, хормон создаден во надбубрежните жлезди што телото го ослободува кога сте под стрес.
Понекогаш, мозокот може да произведува помалку серотонин, што може да доведе до зголемен гнев и депресија.
Врската помеѓу мозокот и срцето
Студија објавена во New England Journal of Medicine покажала дека гледањето стресен фудбалски натпревар го зголемува ризикот од помал кардиоваскуларен проблем.
Истражувачите ги разгледале податоците од болниците низ Минхен, Германија за време на Светското првенство во 2006 година.
Тие забележале дека бројот на кардиолошки итни случаи се зголемил повеќе од двојно кога Германија играла натпревари (43) во споредба со деновите кога не играле (15).
Емоционалниот стрес што го доживуваат навивачите за време на овие натпревари го зголемува нивниот ризик да доживеат срцев удар.
Сепак, гледањето спорт не мора секогаш да има негативно влијание врз срцето. Гледањето други луѓе како спортуваат, всушност може да нè направи поиздржливи.
Студија од 2013 година покажала дека гледањето спорт на телевизија го зголемува нашиот пулс, исто како и вежбањето.
За студијата, истражувачите направиле медицински експеримент каде што користеле алатки за набљудување на одговорот на телото на физички или ментален стрес.
Кога учесниците гледале видео од некој што учествува во трка, нивното дишењето и отчукувањата на срцето се забрзале. Работите се вратиле во нормала откако учесниците престанале да го гледаат спортот.
Наодите покажале дека активноста на нервните импулси до мускулите се зголемува кога луѓето гледаат физичка активност.
M. Г. | Црнобело / фото: freepik.com