Ериксен даде изјава првпат откако колабираше на теренот: „Нема да се откажам, подобро сум - но сакам да знам што се случи“
- Детали
- понеделник, 14 јуни 2021
„Ви благодарам, нема да се откажам. Се чувствувам подобро сега – но сакам да знам што се случи“ – данскиот фудбалер Кристијан Ериксен преку својот менаџер упати кратка порака што беше објавена од страна на италијанскиот спортски весник La Gazetta dello Sport.
Во саботата за време на натпреварот на Данска и Финска на Европското првенство во Копенхаген, сите останаа шокирани кога Кристијан Ериксен ненадејно колабираше на теренот.
Само момент пред да ја прими топката, фудбалерот колабираше и падна на земја, по што играчите веднаш ги алармираа медицинските екипи.
Лекарите повеќе од 10 минути се обидуваа да го вратат во живот, а неговите соиграчи го опколија фудбалерот за да ја скријат страшната сцена од очите на јавноста. Тој беше реанимиран и во свесна состојба беше пренесен во болница од каде им побара на своите соиграчи да продолжат со натпреварот.
Менаџерот Мартин Шутс ја пренесе и најновата порака од него и вели дека Ериксен бил во добро расположение за време на разговорот. Тој исто така посочи дека Ериксен е среќен поради големиот број пораки што му пристигнале.
„Ви благодарам, нема да се откажам. Се чувствувам подобро сега – но сакам да знам што се случи. Сакам да ви се заблагодарам на сите за сè што направивте за мене“ – била пораката на фудбалерот.
Christian Eriksen to Gazzetta dello Sport: "Thank you, I won't give up. I feel better now - but I want to understand what's happened. I want to say thank you all for what you did for me". Eriksen was talking to his manager who reported Chris sentences from the hospital. 🇩🇰 pic.twitter.com/anWUjcbEtP
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) June 13, 2021
Во текот на вчерашниот ден (13.06.2021), тимскиот лекар Мортен Боесен на прес-конференција за новинарите потврди дека фудбалерот претрпел срцев застој (cardiac arrest), но засега не се познати причините што довеле до тоа.
„Тој се изгуби. Направивме реанимација заради срцевиот застој. Успеавме да го вратиме по една дефибрилација“ – рече Боесен и додаде дека Ериксен останува во болница на понатамошни испитувања.
Според неговата изјава, досегашните резултати од испитувањата изгледаат во ред и сè уште нема објаснување зошто 29-годишниот спортист претрпел срцев застој.
Исто така, во текот на вчерашниот ден Ериксен се вклучил и во краток видео-разговор со соиграчите и тренерот Каспер Хјумланд.
„Ни олесна што го видовме Кристијан како се смее. Нема сомнеж дека го поминавме најлошото. Тоа што ја видов насмевката на Кристијан значи дека може да седам денес овде“ – рече тој и додаде дека е мошне горд на своите играчи, на персоналот на тимот и на сите околу нив.
Б. С. Б. | Црнобело