„Леле што направивме!“ - 5 историски моменти во македонскиот спорт на кои вечно ќе се гордееме
- Детали
- четврток, 20 февруари 2020
Македонската јавност отсекогаш живеела за македонскиот спорт и несебично ја изразувала својата поддршка, без разлика на крајниот исход.
Низ годините, имавме големи подеми и падови, но навивачкиот дух и сплотеноста засекогаш ќе бидат одлика на нашиот народ.
Во продолжение ги наведуваме 5-те досегашни спортски успеси на кои вечно ќе се гордееме:
Кометал Ѓорче Петров
„Радувај се Македонијо, ние сме европски шампиони“ - едногласно извикуваа ракометарките на Кометал по триумфот во реваншот над Херц со 26:22.
„Бајка“ која се случи на 19.05.2002 година. Не постоеше никаков сомнеж за квалитетот на овој колектив, но сепак, кој очекуваше европскиот трон да биде подигнат под Скопско кале?
Фото: Извор
Да почнеме од почетокот. Кометал Ѓорче Петров е основан во 1980 година, но својата доминација ја започнува во 1994 година, кога „Кометал Трејд“ го презема овој клуб.
Оттогаш, Кометал освои 17 титули во домашната лига, 16 титули во домашниот клуб, 3 медали во Европската лига на шампиони, од кои 2 сребра и едно злато.
Во составот на Кометал играа Кастратовиќ, Радуловиќ, Будимир, Луменита Дину, Анжелика Платон, Киселева, Нацева и многу други.
Несомнено „страшен“ тим, кој допринесе салата во Скопско кале да стане неосвоива тврдина.
Во продолжение мало потсетување на химната на Кометал:
4-то место на Европското првенство во кошарка во Литванија
„ЛЕЛЕ ЛУЃЕ ШТО НАПРАВИВМЕ“ - славната реченица на Владо Илиевски, по големата победа во четврт-финалето над Литванија на 14.09.2011 година, во Каунас, пред 15.000 илјади публика.
Македонската јавност „дишеше“ како едно со македонските кошаркари, кои со нивната игра „бришеа“ сѐ пред себе.
Славната генерација на Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски, браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Лестер Бо Мекејлеб...
Фото: Извор
Дружината на Марин Докузовски беше запрена во полуфиналето од големата Шпанија, која потоа стана и европски шампион.
Едно е сигурно, дури и Шпанија не доби пречек онаков каков што добија нашите јунаци.
Во продолжение видео од пречекот на македонските кошаркари на скопскиот плоштад:
5-то место на Европското првенство во ракомет во Србија
Нашата Република несомнено е ракометна нација. Тоа и го докажаа македонските ракометари, кои на првенството во Србија во 2012 година го освоија петтото место.
Ова првенство се одржуваше во Ниш и Белград, но сите ние чувствувавме како да се игра во Скопје, бидејќи на секој натпревар ракометарите имаа максимална подршка од трибините.
Фото: Извор
Од 2012 година па сѐ до денес, македонските ракометари во континуинет се пласираат на сите европски и светски првенства, но за жал, не сме имале подобар пласман.
Во продолжение пречекот на македонските ракометари на Скопскиот плоштад:
https://www.youtube.com/watch?v=V0JzXSK0ELw
ВАРДАР ЕВРОПСКИ ШАМПИОН!
5-ти јуни 2017 година ќе биде запишан во аналите на македонската машка клубска ракометна историја, кога за првпат македонски клуб го дигна европскиот трон.
На патот до пехарот, во полуфиналето потклекна Барселона со резултат 26:25, а во големото финале беше совладан ПСЖ со 24:23.
Фото: Извор
Фото: Извор
Вардарската чета составена од капитенот Стојанче Стоилов, Игор Карачиќ, Арпад Штербик, Тимур Дибиров, Иван Чупиќ и остананите, предизвикаа „земјотрес“ низ целата држава и беа пречекани од преку 100.000 симпатизери на градскиот плоштад во Скопје.
Во продолжение дел од атмосферата на градскиот плоштад:
ВАРДАР ЕВРОПСКИ ШАМПИОН ПО ВТОРПАТ!
После 2 години од првата европска титула, кога никој не очекуваше, Вардар повторно ја покори ракометна Европа.
Во година, кога РК Вардар се соочуваше со голема финансиска криза, вардаровите јунаци останаа сплотени и нивниот тимски дух и срце на 02.06.2019 година во Келн ни ја донесоа втората европска титула во Лигата на шампиони.
Фото: Извор
На патот до тронот, во полуфиналето Вардар ја совлада Барселона, притоа надоместувајќи дефицит од 7 гола, а во финалето Веспрем беше „лесен залак“ за Вардарци.
Во продолжение - како изгледаше нивниот пречек во Скопје, каде што 150.000 навивачи трпеливо чекаа да ги видат своите јунаци:
https://www.facebook.com/watch/?v=2216101761777430
Едно е сигурно - гордоста никогаш нема да згасне, а во иднина очекуваме нови титули и успеси!
Мила М. | Црнобело