RED BULL AIR RACE / 2016 / JAPAN / CHIBA - Муроја освои историска победа за Јапонија и за цела Азија
- Детали
- понеделник, 06 јуни 2016
Јошихиде Муроја испиша нова страница од спортската историја на Јапонија со освојување на првата победа за оваа земја, која воедно е прва и за цела Азија во светското првенство Red Bull Air Race, а за сензацијата да биде уште поголема тој славеше пред домашната публика во Чиба. На херојот му беше потребна и среќа, покрај супериорните вештини во изедначената борба од која застануваше здивот, при што Чехот Мартин Шонка го освои второто место, додека Американецот Кирби Чемблис беше трет.
Чиба (ЈАПОНИЈА) – Од радост до солзи пред околу 50 илјади навивачи, јапонскиот пилот Јошихиде Муроја се проби низ облаците над заливот на Токио и направи пресврт: негова прва победа по пет години натпреварување во светското првенство Red Bull Air Race. Како единствен азиски пилот во најбрзото натпреварување на небото, Муроја покажа зошто неговите сонародници го викаат „вечен пионер“, постигнувајќи ја првата победа за Јапонија и за целиот азиски континент. Триумфот беше извојуван во последниот дел од секундата, бидејќи времето на Мартин Шонка беше 1:05.097, а Муроја успеа да има најдобар резултат за само еден десетти дел од секундата, 1:04.992. Кирби Чемблис во исклучително борбената завршница успеа да го освои третото место.
Временските услови се менуваа од момент до момент, каде што силните ветришта на отворените води од Пацификот ги принудуваа пилотите на грешки во тесната и техничка патека. Победата на Муроја изгледаше невозможна бидејќи започна со казна од една секунда во рундата на 14 пулоти, но успеа да напредува кон полуфиналната рунда на 8 најдобри, каде што беше казнет за надминување на лимитот на G-силите. Сепак, кога дојде до финалната серија на најдобрите 4 пилоти, најдобрите резултати беа во интервал од само осум десети делови од секундата. Сепак, најбрзото време на денот му припадна на Мартин Шонка во првата рунда, кога извозе еден круг за 1:04.352.
Резултатите од Чиба претставуваат прв финиш на подиумот за сите тројца, што носи дополнителен заплет во светското првенство каде што има уште пет трки до крајот на сезоната. Матијас Долдерер останува на врвот, но неговата предност сега е 10 бода пред Чемблис кој го презема второто место, додека Николас Иваноф не се натпреваруваше поради болест и сега е трет со еден поен предност во однос на Муроја. Останатите се блиску до нив и титулата е на дофат речиси за секој од пилотите.
- Чувството е посебно. Бевме изедначени со Мартин, но навивачите ме поттикнаа за победа. Летам веќе 25 години, а ова е мојата прва победа. Ми трбеаше многу време, затоа ова е голем, голем момент,- рече Муроја, наведувајќи дека неговиот тим „Фалкен“ работи исклучително добро.
Чилеанецот Кристијан Болтон беше победник во натпреварувањето од пониската Класа на предизвикувачи, пред Американецот Кевин Колеман кој изби на чело на поредокот со третиот последователен пласман на втората позиција.
Следна е трката во Будимпешта, со патеката за летање поставена на реката Дунав, покрај величенствените мостови кои се обележје на унгарската престолнина.
Резултати: 1. Јошихиде Муроја (Јапонија), 2. Мартин Шонка (Чешка), 3. Кирби Чемблис (САД), 4. Најџел Лемб (Велика Бритианија), 5. Хуан Веларде (Шпанија), 6. Ханс Арх (Австрија), 7. Мат Хол (Австралија), 8. Матијас Долдерер (Германија), 9. Петр Копфштајн (Чешка), 10. Франсоа Ле Вот (Франција), 11. Петер Подлуншек (Словенија), 12. Пит Меклиод (Канада), 13. Мајкл Гулијан (САД), 14. Николас Иваноф (Франција).
Табела: 1. Матијас Долдерер (Германија) 30 поени, 2. Кирби Чемблис (САД) 20 поени, 3. Николас Иваноф (Франција) 19 поени, 4. Јошихиде Муроја (Јапонија) 18 поени, 5. Ханс Арх (Австрија) 17 поени, 6. Најџел Лемб (Велика Британија) 16 поени, 7. Мартин Шонка (Чешка) 14 поени, 8. Мат Хол (Австралија) 12 поени, 9. Пит Меклиод (Канада) 11 поени, 10. Франсоа Ле Вот (Франција) 10 поени, 11. Хуан Веларде (Шпанија) 7 поени, 12. Мајкл Гулијан (САД) 6 поени, 13. Петер Подлуншек (Словенија) 3 поени, 14. Петр Копфштајн (Чешка) 2 поени.