Роналдо е несреќен поради малата плата
- Детали
- вторник, 04 септември 2012
Парите, односно ниската плата, се главна причина што Кристијано Роналдо се чувствува несреќен во Реал Мадрид.
Најголемата звезда на клубот, во неделата постигна два гола против Гранада, но на ниту еден не му се израдува, а по натпреварот изјави дека не е среќен во клубот.
Весникот „Марка“ близок до Реал откри дека парите, односно платата го прават несреќен Португалецот во Реал.
Имено, и покрај фантастичните индивидуални достигнувања, Роналдо е далеку зад останатите звезди на светскиот фудбал кога се работи за годишната плата.
Роналдо во Реал има годишна плата од 12 милиони евра, кога ќе се одбијат давачките му остануваат 9,5 милиони евра, што е помалку од она што го заработуваат Ето, Дрогба, Ибрахимовиќ, Руни, Јаја Туре, Агуеро и Меси.
„Марка“ пренесува дека Роналдо од претседателот на Реал, Флорентино Перез побарал нето зголемување од 5,5 милиони евра, со што неговата плата би достигнала сума од 15 милиони евра.
Тешко е да се поверува дека во екот на економската криза, која ја тресе Шпанија, претседателот на Реал ќе се согласи на рапидно зголемување на годишните приходи на Роналдо.
Особено голем проблем е данокот на плати кои им е наметнат на клубовите во Примера. Тие од оваа година наместо досегашните 24% данок за плати над 600.000 евра годишно, мора да плаќаат дури 43%, а најавите се дека даноците ќе скокнат и до 50%. Тоа значи дека сегашниот договор на Роналдо кој бруто изнесува 12 милиони евра, Реал би го чинел 24 милиони евра.
04.09.2012 (Макфакс)