Заборски од „Макпетрол“: итно да се промени селекторскиот кадар на сениорската карате репрезентација

Карате клубот „Макпетрол“ реагира на настапот на сениорската карате репрезентација на Македонија на неодамна одржаното Светско првенство во Будимпешта и прикажаните резултати, за кои директно го обвинува селекторот Александар Кузмановски и стручниот тим на националната селекција во дисциплината борби. Во продолжение пренесуваме дел од реакцијата на тренерот на карате клубот „Макпетрол“, Бошко Заборски.

      zaborski-od-makpetrol-itno-da-se-promeni-selektorskiot-kadar-na-seniorskata-karate-reprezentacija-02.JPG

„Како клуб кој редовно партиципира во сите национални тимови и загрижени поради катастрофалниот лош настап на нашата репрезентација од последното светско првенство, се обраќаме до сите членови на ИО на КФРСМ и до сите карате клубови. По завршувањето на светското карате првенство за сениори во Будимпешта, не можеме, а да не посочиме на некои основни работи кои се погрешно поставени во КФРСМ и затоа во моментов немаме, а ако нешто не промениме, нема ни да имаме повеќе врвни сениорски спортски резултати.

Бараме одговорност за неуспешниот период на стагнација на сениорскиот тим и посочуваме дека резултати нема да имаме ако веднаш не се престроиме и направиме итно промени во водечкиот дел на тренерскиот и селекторскиот кадар, таканаречен стручен тим на КФРСМ, каде што предводници се селектори на сениорскиот тим и тимот помлади сениори (У21). Да напоменеме дека во тој стручен тим, во моментов не се вклучени најдобрите тренери и клубови, оние од кои во најголем број е составена репрезентацијата, а тоа се клубовите „Макпетрол“ - Скопје и „Штип“ - Штип.

Основниот проблем е што во КФРСМ во моментов имаме 75 регистрирани клубови, од кои еден дел воопшто не работат ништо, поголем дел работат детско или пионерско - кадетско карате и имаме многу мал број клубови кои работат натпреварувачко карате, на сериозни спортисти јуниори, помлади сениори и сениори. За селектори во КФРСМ се поставија и назначија тренери кои немаат постигнато никакви позначајни спортски резултати. Некои дури немаат ни спортски сали, има селектори кои немаат сопствен пионер кој бил државен првак. Ако сакаме да водиме и во иднина ваква политика, сениорски резултати едноставно нема да имаме.

zaborski-od-makpetrol-itno-da-se-promeni-selektorskiot-kadar-na-seniorskata-karate-reprezentacija-03.jpg

Како најтрофеен клуб кој веќе 27 години редовно партиципира со спортисти во сите национални тимови и клуб кој работи натпреварувачко карате, сериозно сме загрижени по дебаклот и катастрофално лошиот настап и резултатски постигнувања на нашата репрезентација од светското и претходно одржаното европско сениорско првенство. Одговорност за лошите резултати претпоставуваме дека ќе се побара од селекторите кои го изработија планот и програмата. Овој пат тие тренери и селектори сами ги водеа подготовките и имаа максимална поддршка, како никогаш досега, од страна на ИО и клубовите и за таа намена се потрошија големи финансиски средства, а резултати нема.

Најважно од се е можеби тоа што репрезентативците имаа забележителен и очигледен пад на спортската форма, сите спортисти претходно беа многу добро подготвени, тие на контролните балкански и светски натпревари освоија високи пласмани и медали и демонстрираа многу добра форма. Кога репрезентацијата остана да работи самостојно, спортската форма која претходно се создаде и вроди резултати се сруши и спортистите на светското првенство не можеа да го дадат ни оптимумот кој секогаш го давале. Ако  репрезентацијата е составена од индивидуалци кои имаат повеќекратно освојувано европски и светски медали, се наметнува прашањето што се случи со репрезентацијата кога остана сама да се подготвува, зашто репрезентативците не беа доволно мотивирани сплотени и подготвени да направат поголеми резултати.

zaborski-od-makpetrol-itno-da-se-promeni-selektorskiot-kadar-na-seniorskata-karate-reprezentacija-01.JPG

Мора да се прифати фактот дека сениорската репрезентација на Р. С. Македонија е најслаба репрезентација на Балканот. Сите балкански држави од нашето опкружување освоија медали. Ние не успеавме да освоиме ниту медал, ниту пак остваривме  висок пласман на ова првенство, што е повторување на искуството од минатото европско сениорско првенство. Веќе сме во длабока криза и континуирано одиме во надолна линија. Факт е дека нашите спортисти и тимови не поминаа повеќе од второ коло и затоа мораме најитно да промениме нешто ако сакаме да ја задржиме оваа генерација на сениори, после која ние како федерација немаме квалитетна генерација. Затоа сме загрижени дека ќе навлеземе во многу голема криза од која нема враќање.

Ако сакаме да се вратиме на вистинскиот пат мора да направиме и промена во делот од Правилникот за направен сениорски резултат и резултат за помлади сениори (У21). Демотивирачки е кога селекторот неправедно ги зема наградите со години наназад, за кои нема реализирано ниту еден тренинг, награди од по 5.000 евра за постигнат врвен спортски резултат. Таа пракса кога селекторите ги добиваат незаслужено наградите за кои други тренери вложиле голема стручност, финансии и лично залагање, внесе големо незадоволство кај клупските тренери кои се најзаслужни за овие спортски резултати, по што нивната мотивираност за постигнување резултати видно се намали. Овој дел од Правилникот треба да се промени, во спротивно сениорски резултати ние нема да имаме. истакнува д-р сц. Бошко Заборски, тренер на карате клуб „Макпетрол” од Скопје. “

Со почит, Карате клуб “Макпетрол” – Скопје

Тренер, д-р сц. Бошко Заборски

Би можело да ве интересира:

Заборски од „Макпетрол“ петти во Европа на шампионатот во Задар Најдобро рангираниот македонски каратист, Петар Заборски, остави најдобар впечат...
Петар Заборски од „Макпетрол” освои бронза на светската карате лига во Атина Каратистот на „Макпетрол“, Петар Заборски, се закити со бронзено одличје на турн...
Каратистите на „Макпетрол“ учествуваа на светската премиер лига во Ларнака Симона Заборска од карате клубот „Макпетрол“ се пласира на седмата позиција на т...
Каратистите на „Макпетрол“ се подготвуваат за претстојното Европско Првенство Македонските карате-репрезентативци, членови на „Макпетрол“, моментно се на едно...
Каратистите на „Макпетрол” добитници на два спортски оскари Агенцијата за млади и спорт на свечена церемонија ги избра најдобрите спортисти ...
Каратистите на „Макпетрол“ на Светската младинска карате-лига освоија сребро и две седми места Сребрен медал и два пласмани на седмо место се резултатите што каратистите на „М...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg