Заборски и Спасеновски од „Макпетрол“ учесници на светската карате-лига во Каиро
- Детали
- среда, 17 април 2024
Египетскиот главен град Каиро ќе биде домаќин на третиот турнир од Светската 1 Премиер карате-лига. Единствени учесници од Македонија ќе бидат членовите на „Макпетрол“, Петар Заборски (-75 кг.) и Петар Спасеновски (-84 кг.).
Само тие од земјава обезбедија норма за да бидат дел од реномираното натпреварување. Каратистите на скопскиот клуб се пласираа во топ-32 каратисти на ранг-листата на ВКФ (Светската карате федерација), што беше пресуден услов за учество.
Турнирот во Каиро почнува в петок (19 април), а завршува в недела (21 април). На ова натпреварување настапуваат 32 најдобри каратисти во светот во секоја тежинска категорија. Во елиминацискиот дел сите учесници имаат три задолжителни борби во својата група. Само прворангираните ги продолжуваат борбите во четвртфиналето.
Светската 1 Премиер карате лига е натпревар со највисок ранг на ВКФ, на којшто е најсилна конкуренцијата на спортисти. За претстојниот турнир во Каиро се пријавени вкупно 374 елитни учесници од 58 држави.