Што има во торбичките со подароци за Оскари 2023?
- Детали
- петок, 10 март 2023
Годинава, дел од номинираните за Оскар ќе добијат подароци во вредност од 126.000 долари, кои вклучуваат луксузни продукти за нега на кожа, ваучери за патување, па дури и земјиште во Австралија. Што друго се крие во ќесичките за подароци за Оскари 2023, кои ќе се одржат во недела?
Секоја година, дел од номинираните за Оскар добиваат торбичка со подароци. Можеби зборот торбичка звучи скромно, но подароците чинат цело богатство.
Годинава Оскарите ќе се одржат на 12-ти март, а веќе е позната содржината на торбичките што ќе ја добијат номинираните.
Според Forbes, тие ќе добијат подароци кои чинат вртоглави 126.000 долари.
А, ова не е најскапата торбичка – во 2020-та, номинираните добија подароци во вредност од дури 225.000 долари.
Интересно е што подароците чинат многу повеќе и од самата статуетка што им се доделува на победниците, која е направена од 24-каратно злато и чини околу 400 долари.
Подароците се доставуваат до домовите на номинираните. Иако се користи терминот „торбички со подароци“, некои подароци се толку големи, што се доставуваат спакувани во куфери.
Годинава, номинираните ќе добијат подароци од над 60 различни (луксузни) брендови.
Иако е јасно дека тие можат самите да си ги дозволат сите овие предмети и ваучери, организаторите велат дека подароците се покажување внимание, но и еден вид промоција за брендовите.
„Додека нашите подароци се познати по тоа што се забавни, прекрасни, корисни и уникатни, тие имаат и поголема цел. Повеќето брендови што се вклучени се од разновидна и инклузивна палета на мали бизниси кои имаат корист од глобалното рекламирање кое е поврзано со најголемата ноќ во Холивуд. Ова е рекламирање преку славни личности со мисија“.
Па, што ќе добијат номинираните оваа година?
Најпрво, тие ќе добијат ваучер од 40.000 долари за „викенд бегство“ на огромен имот во Отава, Канада.
Имотот е опремен со базен и кино, а на гостите ќе им бидат достапни и спортски автомобили ако сакаат да разгледаат наоколу.
Ако не им се допаѓа Канада, номинираните можат да го искористат ваучерот за слично патување, но во Италија, на вулканскиот остров Искја.
Годинава се подарува и земјиште во Австралија, но не е познато за колкава површина станува збор.
Во торбичките има и ваучери за липосукција и третмани за лице кај еден од најпознатите пластични хирурзи. Исто така, има и неколку третмани за коса.
Покрај ваучерите, во торбичката ќе има и луксузни продукти, како куфери, продукти за нега на кожа, свилена навлака за перница, сетови за бањање, масло за масажа, чаеви и бонбониера на чија кутија има мал екран со видеопорака.
Како што спомнавме, само дел од номинираните добиваат торбичка со подароци. Обично ова се најдобрите актери и режисери кои се истакнуваат со својот придонес во филмската индустрија.
Годинава, торбичка со подароци ќе добијат Остин Батлер, Брендан Фрејзер, Колин Фарел, Кеј Бланшет, Ана де Армас, Мишел Вилијамс, Мишел Јео, Џад Хирш, Анџела Басет, Џејми Ли Кертис, Тод Филд и Стивен Спилберг.
Спирова С. | Црнобело