Мараја Кери пееше за семејството на Гадафи – Познати пејачи кои одржаа приватни концерти за богаташи
- Детали
- вторник, 05 март 2024
Мараја Кери се соочи со остри критики по приватниот концерт за семејството на Муамар Гадафи кој беше обвинет за воени злосторства. Наводно, пејачката добила еден милион долари за да испее четири песни, а подоцна се извини за настапот.
Ријана која пееше на претсвадбената прослава на Анант Амбани – синот на најбогатиот човек од Азија – не е единствената светски позната пејачка која настапувала на приватни забави на богаташи.
Ријана добила шест милиони евра за изведбата на 19 нејзини песни, но оваа сума веројатно не е ништо за милијардерот Мукеш Амбани чие богатство се проценува на 113 милијарди долари.
Кои други светски познати пејачи настапуваа на приватни забави кај богаташи?
Бијонсе
Бијонсе неколкупати одржувала приватни концерти, а последниот ваков настап ѝ беше во Дубаи.
Пејачката имаше настап во јануари 2023-та, на отворањето на луксузниот ресорт Atlantis The Royal.
Нејзиниот настап траел само еден час, но според некои медиуми, за ова пејачката добила 24 милиони долари.
Андреа Бочели
Познатиот италијански пејач пееше на свадбата на Ким Кардашијан, како и на свадбата на сестра ѝ Кортни.
Интересно е што откако Кортни го најми за својата свадба, односот меѓу неа и Ким се влоши.
Ким сметала дека Кортни ја копира бидејќи не ѝ го „украла“ само пејачот, туку и дестинацијата – и двете се венчаа во Италија.
Не е познато колку пари добил Бочели, но подоцна изјави дека е почестен што и двете сестри го одбрале токму него.
Џенифер Лопез
Џеј Ло беше остро критикувана откако одржа приватен концерт за лидер од Туркменистан кој честопати е нарекуван диктатор.
Во јули 2013-та, пејачката настапувала на приватна забава на која присуствувал и поранешниот претседател на Туркменистан кој е обвинуван за кршење на човековите права.
По ова, Џеј Ло се огласи изјавувајќи дека настанот бил организиран од приватна компанија и немал никаква политичка заднина.
Притоа се извини, истакнувајќи дека доколку била свесна за гостите, ќе ја одбиела понудата.
Џеј Ло отпеала три песни, за што добила помеѓу 1 и 1 и пол милион долари.
Мараја Кери
Во слична ситуација како Џеј Ло се најде и Мараја Кери која одржа концерт за семејството на Муамар Гадафи.
Во 2008 година, Мараја настапуваше за членови од семејство на поранешниот либиски диктатор кој беше обвинет за воени злосторства.
За четири песни, Мараја добила 1 милион долари, а подоцна се извини за настапот:
„Бев наивна и несвесна за кого треба да изведувам. Се чувствувам ужасно и засрамено што бев дел од овој хаос.
Ова е лекција од која сите артисти можеме да научиме нешто. Треба да бидеме посвесни и поодговорни“.