„Првпат се опив на 7 години, лошите фотки ме натераа да одам на рехабилитација“ – Кара Делевињ се отвори за проблемите со зависноста
- Детали
- четврток, 09 март 2023
Во ново интервју за Vogue, Кара Делевињ открива дека фотките со кои ја загрижи јавноста ја натерале да оди на рехабилитација. Истовремено, 30-годишниот модел открива дека проблемите со користење наркотици и алкохол почнале уште додека била дете.
Во септември минатата година, Daily Mail објави папарацо фотки од Кара Делевињ, на кои моделот не изгледа воопшто добро.
Кара беше фотографирана само по чорапи, со несредена коса и се однесуваше навистина чудно.
По ова, се појавија и други загрижувачки фотографии од Кара, а на дел од нив изгледа како да користи дрога.
Извесен период потоа Кара ја немаше во јавност, а на настаните од 2023 година изгледаше значително подобро.
Сега, во интервју за Vogue, моделот открива дека токму загрижувачките фотки ја натерале да се освести и да оди на рехабилитација.
Кара вели дека не била подготвена да се справи со нејзините демони, сè додека ситуацијата не излегла од контрола.
„Имав интервенции, но не бев подготвена. Тоа беше проблемот. Се немав видено со терапевтот три години. На некој начин, ги оттурнував сите од мене, а ова ме натера да сфатам дека сум во многу лоша состојба“.
Откако фотките се појавиле во јавност, пријателите и семејството постојано ја потсетувале и ја натерале да сфати дека не е сама.
„Секогаш мислев дека треба да работам на себе кога ситуацијата е лоша, но всушност треба да работам на себе и кога се чувствувам добро.
Постојано треба да работам на себе. Никогаш нема да бидам поправена или целосно излекувана, но помирена сум со тоа, и тоа е разликата“.
Кара вели дека иако пријателите и семејството покажувале загриженост за неа, таа се лажела себеси дека сè е во ред. Но, кога ги здогледала фотографиите, сфатила дека очајно ѝ треба помош.
„Немав спиено. Не бев во ред. Тажно е бидејќи мислев дека се забавувам, но во еден миг помислив ’Во ред, не изгледам добро‘.
Знаете, понекогаш ви треба нешто да ве врати во реалноста, па на некој начин тие фотографии се нешто за коешто треба да бидам благодарна“.