„Првото сексуално искуство ми беше силување, абортирав на 20 години“: Нови детали од мрачното минато на Парис Хилтон
- Детали
- петок, 24 февруари 2023
Во интервју за Glamour, покрај првите фотки со нејзиното дете, Парис Хилтон открива дека била силувана на 15 години, била нападната од Харви Вајнштајн, абортирала во 20-тите, како и дека поради секс-снимката со бившиот дечко, се плашела да има односи.
Изминативе година-две, Парис Хилтон отворено зборуваше за траумите од детството и тинејџерските години, а сега сподели нови детали од нејзиното мрачно минато.
Во интервју за Glamour, богатата наследничка открива дека во 20-тите години од животот абортирала, како и дека првото сексуално искуство ѝ било силување.
Парис зборува и за мислењето на јавноста дека е „глупава русокоса“ и како тоа се одразило врз неа.
„Јас не сум глупава русокоса, само многу добро можам да се преправам дека сум. Вистинската Парис е силна, отпорна, храбра, паметна и забавна“, вели 42-годишната богаташка.
Парис Хилтон открива дека била силувана на едвај 15 години, пред да биде затворена од родителите во поправен дом.
Тој период, Парис живеела со нејзината баба во Палм Спрингс. За викендите одела во Лос Анџелес за да си ги види другарките и најчесто излегувале во некој трговски центар.
„Одевме таму скоро секој викенд. Ни беше омилено место и некои постари мажи секогаш се врткаа околу продавниците… разговаравме со нив, им ги дадовме нашите броеви.
И, еден ден, нè поканија во нивната куќа, пиевме некој коктел со вино. Тогаш не пиев алкохол, но кога се напив една-две голтки, веднаш почнав да се чувствувам чудно.
Не знам што ми ставил внатре, но претпоставувам дека беше некој седатив“.
Парис се разбудила неколку часа подоцна и вели дека била сигурна дека се случило нешто лошо.
„Имам сеќавање како е врз мене, како ми ја покрива устата и ми вели дека сонувам“.
Силувањето било нејзиното прво сексуално искуство, а бидејќи била засрамена, Парис не кажала на никој.
Таа открива и дека на 19-годишна возраст, имала непријатно искуство со Харви Вајнштајн.
„Бев на ручек со пријателка и тој дојде до масата и ме праша дали сакам да бидам актерка. Му реков дека би сакала да се појавам во филм. Бев тинејџерка, па бев импресионирана од него.
Тој ми рече дека треба да имаме состанок, да одиме во неговата хотелска соба и да читаме сценарија… не сакав и не отидов“.
Следниот ден, на гала вечера, Харви повторно ја сретнал Парис, но овојпат имал поагресивен пристап.
„Отидов во тоалетот и тој ме следеше. Пробуваше да ја отвори вратата, тропаше, удираше по неа. Не ја отворив и се прашував зошто сака да влезе во кабината. Тогаш дојде обезбедување и го изнесе, а тој се дереше дека тоа била негова забава“.
Во 2003 година, се појави секс снимка на Парис Хилтон со нејзино поранешно момче, а вели дека тој скандал ја демне до денес.
„Бев оцрнета кога излезе видеото. Сите направија да изгледа како јас да сум лошата, а никој не обрнуваше внимание на мажот (во видеото). Секогаш мислев на таа снимка кога влегував во просторија со луѓе.
Поради една ноќ, ќе бидам осудувана целиот живот, поради личност којашто сум ја сакала. И луѓето мислат дека сум лоша или ’лесна‘ бидејќи направив нешто со личност со која бев во врска, а тоа нешто никогаш не требаше да биде јавно“.
Поради снимката, Парис избегнувала да има односи, па дури мислела и дека станала асексуална.
„Веќе имав проблеми со довербата. По ова, само се бакнував. Ако дечкото пробаше да направи нешто друго, бев исплашена. И, очигледно, многу врски нема да функционираат така. Дечковците ме изневеруваа“.
Парис неодамна го доби првото дете со сопругот Картер Реум со сурогат мајка. Но, таа открива дека останала бремена во раните 20-ти и решила да абортира.
И ова е случка од животот што ја криела долго време од сите.
„И ова е нешто за коешто не сакав да зборувам бидејќи имаше многу срам. Бев дете и не бев подготвена за тоа“.
Кога во САД почна да се дискутира за забранување на абортусот, Парис сфатила дека е време да ја сподели својата приказна.
„Мислам дека е важно. Вмешана е политика, но тоа е телото на една жена. Зошто да има закон за тоа? Тоа е ваше тело, ваш избор, и навистина верувам во тоа“.
И покрај сите трауми, Парис вели дека сега конечно е среќна со сопругот и детето.
„Само сакам да уживам во мојот живот со семејството и да бидам нормална“, додава таа.
Спирова С. | Црнобело