„Го изгубив животот“: Кристина Еплгјет (50) се отвори за мултипла склерозата откако го победи ракот на дојката и ги отстрани јајниците
- Детали
- среда, 02 ноември 2022
Пред една година, Кристина Еплгејт која е најпозната по романтичните комедии и сериите, беше дијагностицирана со мултипла склероза поради што качи 18 килограми и не може да се движи без бастун. Претходно актерката имаше рак на дојката, а од страв дека повторно ќе мора да се соочи со болеста, реши да си ги отстрани јајниците.
Актерката Кристина Еплгејт, најпозната по улоги во комедии како Bad Moms и Anchorman и сит-ком серии, минатата година беше дијагностицирана со мултипла склероза.
Претходно, во 2008 година таа имаше и рак на дојката по што ѝ беше направена двојна мастектомија, а во 2017-та ги отстрани јајниците.
По многуте проблеми со здравјето, 50-годишната актерка реши да зборува за нејзината состојба и како се справува со релативно новата дијагноза.
Моментално Кристина ја има една од главните улоги во серијата Dead to Me којашто се емитува на Нетфликс, но дури и по дијагнозата реши да продолжи со снимањето на последната сезона.
„Во последната сезона од серијата ќе видите како навистина изгледам. Се здебелив 18 килограми. Не можам да одам без бастун. Сакам луѓето да знаат дека сум многу свесна за сето ова“, изјави актерката во интервју за The New York Times.
Мултипла склероза е болест на нервниот систем поради која се јавуваат прекини во пренесувањето на информациите од телото до мозокот.
Со текот на времето, можат да се јават симптоми како проблеми со движењето, болка, па дури и тешкотии при зборување и голтање.
Актерката откри дека ја има болеста во август минатата година, а тогаш направи 5-месечна пауза пред да продолжи со снимањето на серијата.
„Морав да размислам за губењето на мојот живот, за делот од него што го изгубив. Ми требаше тоа време. Но, не значи дека потоа излегов од дома и само реков дека сум во ред“.
Во интервјуто, актерката вели дека дури откако ја добила дијагнозата, сфатила дека покажувала знаци. На пример, уште пред неколку години, ѝ се случувало да изгуби рамнотежа.
„Сега посакувам да обрнував повеќе внимание. Но, од каде би знаела?“
Актерката открива и дека снимањето ѝ е особено отежнато. Кога се вратила на сетот по петте месеци, Кристина морала да користи инвалидска количка. Кога, пак, снимале одредени сцени, асистенти ѝ ги држеле нозете бидејќи не можела сама.
Не можела ни да снима сцени каде што оди, а кога требало да снима сцени на коишто е застаната, се навалувала на ѕидот.
Во 2008-ма, кога имаше само 36 години, актерката беше дијагностицирана со рак на дојката.
Бидејќи нејзината мајка имала рак на дојката, Кристина правела мамограми уште на 30 години.
„Ми најдоа нешто чудно во едната дојка. Една недела подоцна го добив повикот од којшто се плаши секоја жена. Лекарот ми рече ’Имаш рак‘“.
Една недела подоцна на актерката ѝ било отстрането канцерогеното ткиво од дојката. Но, лекарите ѝ кажале и дека постои голема веројатност ракот да се врати.
„Радијацијата беше привремено решение и не значеше дека нема да ми се врати ракот. Тогаш морав да размислам за своите опции“.
Актерката сфатила дека е најдобро да ѝ ги отстранат двете дојки, па во јули 2008-ма ѝ била направена двојна мастектомија.
„Беше многу болно. Од вас отстрануваат цел дел, па има период на тагување“.
Во 2017-та, пак, Кристина откри дека ги отстранила јајниците.
„Пред две недели ми беа отстранети јајниците и јајцеводите. Моја братучетка почина од рак на јајниците во 2008, а јас можам да го спречам тоа“.
Кристина има изјавено и дека стравува дека нејзината ќерка има зголемен ризик од појава на рак.
„Постојат големи шанси. Добро се грижам за ќерка ми и ѝ ја давам најдобрата храна. Пробувам да не ја изложувам на стрес. Правам сè што е во моја моќ и знам дека за 20-тина години, и таа ќе почне да се тестира. Се надевам дека дотогаш ќе има напредок во медицината“.
Користејќи го негативното искуство, актерката основа и организација преку која им помага на жените кои немаат пари за тестови за рак.
И покрај сите здравствени проблеми и фактот дека е гневна на она што ѝ се случува, актерката вели дека нема да се откаже.
„Патот е тежок. Но, како што знаеме, продолжуваме да се движиме“.
Кристина Еплгејт ја почна актерката кариера на 15 години во сит-ком серијата Married with Children. Досега има освоено Еми награда за гостувањето во серијата Friends, како и четири номинации за Златен глобус и една за Тони награда.
Од 2013 година актерката е во брак со басистот Мартин Ленобл и заедно ја имаат ќерката Седи која е родена во 2011 година.
Спирова С. | Црнобело