Шеги на сметка на Леонардо ди Каприо, Џими Кимел „пијан“ на сцена – како помина доделувањето на Еми наградите? (фото)
- Детали
- вторник, 13 септември 2022
Синоќа, 12-ти септември се одржа овогодишното доделување на Еми наградите и иако немаше шлаканици (како на Оскарите) сепак имаше чудни и забавни моменти.
Еми наградите се како Оскари за телевизиски серии и шоуа, а помеѓу актерите кои се закитија со статуетка се Аманда Сејфрид, Џенифер Кулиџ, Џејсон Судекис и Зендаја.
И хит-сериите Euphoria, Squid Game и Ozark освоија награди во некои категории.
На настанот не присуствуваа големите холивудски ѕвезди на коишто сме навикнати, но сепак имаше важни имиња од филмската индустрија кои сигурно ви се познати по популарните холивудски серии.
Како што веќе спомнавме, церемонијата помина без инциденти, но сепак имаше неколку (невкусни) шеги и коментари.
Можеби најсмешна беше шегата на комичарот Кенан Томпсон на сметка на Леонардо ди Каприо.
Веројатно веќе знаете дека актерот раскина со девојката Камила Морон набрзо откако таа наполни 25 години. Оттогаш, Леонардо е мета на шеги за неговиот вкус за помлади девојки.
Комичарот Кенан беше еден од водителите и во неговиот монолог се пошегува за Леонардо и Зендаја.
„Зендаја наполни 26 години минатата недела – среќен роденден. 26 е чудна возраст во Холивуд… Доволно сте млади за да глумите средношколец, но премногу сте стари за да излегувате со Леонардо ди Каприо“.
Очекувано, Зендаја проба да се скрие од камерите кога ја слушна шегата.
Водителот Џими Кимел, пак, беше критикуван откако проба да го украде вниманието од актерка која освои награда.
Актерката Квинта Брунсон стана првата Афроамериканка со три Еми номинации, а синоќа победи во категоријата најдобро сценарио за комедија.
Бидејќи во САД расизмот уште е сериозен проблем, нејзината победа значи многу, особено за Афроамериканците.
Додека ги најавуваа номинираните во категоријата, Џими Кимел лежеше на сцената бидејќи „испил многу маргарита коктели“.
А, дури и кога Квинта беше прогласена за победничка, тој не стана и лежеше покрај неа додека таа го држеше својот говор.
Многумина го осудија за ова непочитување на актерката и сметаат дека доколку Квинта би пробала да направи слична шега, веројатно би била избркана.
На голем дел од јавноста не ѝ се допадна ни отворањето на наградите кое вклучуваше неколку кореографии кои за повеќето се неповрзани и немаат смисла.
„Мислам дека не знам некој важен контекст за да го сфатам отворањето на Еми наградите“:
„Овој танц ме тера да ја мразам телевизијата, што беше поентата?“
„Синдикатот на автори од Холивуд ќе оди на штрајк поради ова отворање“.
Се чини водителот Кенан се соочи со најмногу критики на овогодишното доделување на Еми наградите.
Тој се појави на сцената облечен како Денерис од популарната серија Game of Thrones, и ја нарече Опра „Кралица на сите тронови“. Јавноста смета дека ова е невкусно бидејќи пред неполна недела почина кралицата Елизабета.
Помеѓу победниците беше и актерката Џенифер Кулиџ, но организаторите практично ја избркаа од сцената додека го држеше говорот.
Тие пуштија музика пред таа да заврши, но актерката одлично се снајде, па почна да танцува.
Jennifer Coolidge deciding to dance when the #Emmys attempted to play her off is a truly perfect moment pic.twitter.com/bBkOykRMZA
— Jarett Wieselman (@JarettSays) September 13, 2022
На крај, скоро сите ја критикуваа организацијата на настанот, истакнувајќи дека целата церемонија била хаос.
„Еми наградите беа ужасни. Отворањето беше… чудно. Транзициите беа чудни и немаа смисла. Овие Еми награди нема да освојат ниту една... Еми награда“, е само еден од бројните коментари.