Нови детали за „војната“ помеѓу Викторија Бекам и Никола Пелц: „Бруклин ги нема видено родителите од април“
- Детали
- сабота, 03 септември 2022
Покрај проблемот со венчаницата, Викторија Бекам им го „украла“ првиот танц на Никола и Бруклин на свадбата, не ги поканила на нејзината модна ревија и го нема видено синот од април.
Односот помеѓу семејствата на Бруклин Бекам и Никола Пелц само се влошува, а за Daily Mail извори блиски до двете семејства открија нови детали за целата ситуација.
Наводно, „војната“ помеѓу Викторија и Никола навистина почнала поради венчаницата на младата богаташка, но потоа се случиле и низа други проблеми.
Најпрво, Никола требаше да носи венчаница дизајнирана од Викторија, но на венчавката се појави во фустан од познатиот бренд Valentino.
Во неодамнешно интервју, Никола откри дека сакала да носи венчаница дизајнирана од Викторија, но таа немала време да ја направи до денот на венчавката.
Сега, други извори тврдат дека Никола не ја открила целата приказна. Наводно, таа воопшто не планирала да носи венчаница од Викторија.
„Никола секако дека ќе ѝ дозволеше на Викторија да дизајнира нешто, но не планираше да го носи. Никола има многу други талентирани пријатели кои се дизајнери“.
Друг извор вели дека Викторија ја „извисила“ Никола во последен момент.
„Дизајнерите од Valentino беа загрижени дека ќе немаат доволно време да го направат фустанот, бидејќи Викторија ѝ кажа на Никола дека нејзиното ателје нема да стигне навреме дури во последен момент“.
На денот на венчавката, пак, на Никола воопшто не ѝ се допаѓало што Викторија го крадела целото внимание.
На свадбата беше поканет и пејачот Марк Ентони кој наводно одржал говор што ѝ го посветил само на Викторија.
„Говорот беше ода за Викторија. Никола сака да биде во центарот на вниманието, посебно на нејзината свадба. Па, многу се налути.
Излезе од просторијата со нејзините сестра и мајка и плачеше“, тврди извор за Daily Mail.
Друг извор вели дека Викторија им го украла првиот танц на младенците.
Марк Ентони ги прашал која песна сакаат да им ја испее за првиот танц. Но, кога почнал да ја пее нивната песна, Викторија почнала да танцува со Бруклин.
„За младенците ова беше непријатно бидејќи тие мислеа дека овој посебен момент е за нив“.
Истовремено, иако Марк Ентони е добар пријател на Бекамови, родителите на Никола платиле огромна сума за тој да пее на свадбата.
23-годишниот Бруклин, пак, се наоѓал во многу неповолна положба.
„Бруклин се чувствува многу лошо бидејќи мајка му како да не се грижи за ништо. Таа мисли дека Никола е разгалена, а тој се чувствува виновен. Тој живее во домот на Никола, од парите на нејзиниот татко.
Никола е многу гневна за она што се случи на свадбата, а Бруклин смета дека неговите родители се виновни“.
Извори блиски до семејството откриваат и дека родителите на Никола ги покриваат трошоците за американската виза на Бруклин, бидејќи Бекамови не сакале да платат ништо.
Бруклин е од Англија, а сега живее во САД, па мора да извади државјанството.
Сето ова го заладило и односот помеѓу Бруклин и неговите родители.
Всушност, неодамна Викторија организирала модна ревија за нејзиниот бренд и воопшто не ги поканила Никола и Бруклин.
Според извори блиски до Бекамови, Викторија била многу тажна за нарушениот однос со синот и наводно го немала видено од денот на свадбата, односно од април.
„Викторија отсекогаш ги прифаќала девојките на нејзините синови и ја сакаше Никола уште од денот кога ја запозна. Но, ситуацијата се влоши и ова ја растажува, срцето ѝ е скршено.
Таа и Бруклин отсекогаш биле многу блиски. Таа го носеше Бруклин насекаде. Сето ова ѝ е многу тешко“.
Засега никој од семејството на Никола и Бруклин се нема огласено за целата ситуација.
Спирова С. | Црнобело