Се огласи крадецот што ја ограби Ким Кардашијан во Париз: „Ја ограбив бидејќи се фалеше со пари, молеше за нејзиниот живот“
- Детали
- понеделник, 22 август 2022
Едниот од крадците кои украдоа накит во вредност од 10 милиони долари од Ким Кардашијан се огласи во интервју, откривајќи дека ѝ ги врзале рацете и ѝ ја залепиле устата, додека ријалити ѕвездата молела за нејзиниот живот. Крадецот смета и дека Ким самата е крива за грабежот бидејќи постојано се фали со богатството и со тоа ги намамува крадците.
Во 2016 година, Ким Кардашијан беше ограбена во Париз, а ријалити ѕвездата до денес зборува за инцидентот и го опишува како еден од најтрауматичните настани во нејзиниот живот.
12 повозрасни мажи влегле во луксузната хотелска соба на Ким, по што украле накит во вредност од 10 милиони долари. Тие дури и ѝ се заканувале на Ким со пиштол.
Сега се огласи едниот од крадците, Јунис Абас, кој вели дека воопшто не чувствува вина и смета дека Ким самата е виновна бидејќи се фали со нејзиното богатство.
„Бидејќи таа фрлаше пари, јас бев таму за да ги соберам, и тоа беше тоа. Дали се чувствувам виновен? Не. Не ми е грижа“, изјави Јунис во интервју за VICE News.
Тој сподели и детали за грабежот, изјавувајќи дека секретарката на Ким се обидувала да повика помош и се јавила на американскиот број за итни случаи (911), и покрај тоа што биле во Франција.
Истовремено, Јунис ги осудува сите познати личности кои се фалат со нивното богатство.
„Треба помалку да се фалат пред луѓе кои не можат да си го дозволат тоа. За некои луѓе, тоа е провокација“.
Ким Кардашијан има изјавено дека додека траел грабежот и еден од крадците имал вперено пиштол во неа, таа се плашела дека ќе ја силуваат, па дури и дека ќе ја убијат.
„Не може да да не ве допре ваков настан. Секако дека била трауматизирана“, вели крадецот.
Во истиот грабеж, Јунис и останатите крадци го украдоа и вереничкиот прстен на Ким, кој го доби од Канје и чија вредност се проценува на 4 милиони долари. А, Јунис вели дека прстенот им го привлекол вниманието само затоа што Ким се фалела онлајн.
„На интернет го видов нејзиниот накит, го видов нејзиниот прстен, видов дека го покажува насекаде, а сите овие информации ги добивме од социјалните мрежи.
Видов и како фрла дијамант во нејзиниот базен во една епизода од нејзиното ријалити шоу. Има многу пари. Оваа дама воопшто не се грижи“.
Јунис открива дека со крадците дознале дека Ким оди во Париз повторно од социјалните мрежи. Успеале да најдат во кој хотел отседнува, па направиле план да влезат во нејзината соба кога ќе биде сама.
„Како што влеговме во хотелот, врзавме еден вработен и почнавме да ги бараме клучевите од нејзината соба. Јас останав долу, а двајца од колегите се качија горе со вработениот до собата на мадам Кардашијан“.
Јунис открива дека тие ја врзале Ким, ѝ ја залепиле устата и ја оставиле во кадата во бањата, додека таа молела за нејзиниот живот.
„Потоа секретарката на мадам Кардашијан повика помош. Но таа се јави на 911 во САД, а ова нè исплаши, па изгубивме многу време.
Кога излеговме, надвор имаше неколку полицајци, но не знаеја ништо за грабежот“.
Полицијата успеа да го најде Јунис и тој помина 22 месеци во затвор. Тој смета дека го фатиле бидејќи оставил негова ДНК додека го врзувал вработениот од хотелот.
Подоцна беше фатен и уште еден од крадците, а од накитот полицијата успеа да го најде единствено вереничкиот прстен на Ким. Според едниот од крадците, тие веднаш го растопиле преостанатиот накит за никој да не може да го препознае.
По грабежот, Ким изјави дека била параноична и постојано имала барем шест телохранители во нејзиниот дом. Исто така, таа повеќе не чувала накит во нејзиниот дом.
„Не можам да спијам ако имам накит или пари или што било дома. Не живеам така. Кога станува збор за накит, ако носам нешто, или е позајмено, или лажно“.
Ријалити ѕвездата сподели и дека грабежот ја променил и веќе не е толку фокусирана на материјалното.
„Нештата што ги ценев пред грабежот се потполно различни од работите што ги ценам сега. Забавно е да се дотерувам и сето тоа, но предметите не ме дефинираат“.
Спирова С. | Црнобело