„Нè присилуваа да имаме односи со Хју Хефнер без заштита“: Плејбој „зајачиците“ откриваат нови вознемирувачки детали за Плејбој вилата
- Детали
- петок, 19 август 2022
Контроверзиите за Плејбој вилата не стивнуваат – по вознемирувачките откритија за тортурата што ја трпеле девојките кога биле дрогирани и држени како заложници, две „зајачици“ откриваат и дека биле присилувани да учествуваат во оргии и да имаат секс со Хју Хефнер без заштита.
Холи Медисон, поранешната двојка на Хју Хефнер, повторно прозборе за тортурата и експлоатацијата што ја трпела во Плејбој вилата.
Холи, заедно со поранешната „зајачица“ Бриџит Маркарт, открива нови вознемирувачки детали од животот во вилата – девојките не смееле да одбијат секс и постојано биле уценувани.
Холи Медисон имала само 21 година кога се пресели во вилата во 2001 година, а набрзо потоа почнала врска со тогаш 75-годишниот Хју Хефнер, кој почина во 2017-та.
Поради големата возрасна разлика, нивната врска беше мета на остри критики.
Холи и Хју се разделија во 2008-ма, а истата година Холи засекогаш ја напушти вилата.
Бриџит, пак, се всели во куќата на 28-годишна возраст, а ја напушти околу една година по Холи.
Додека живееја во куќата, и двете девојки беа дел од реалното шоу The Girl Next Door, заедно со Хефнер и уште една зајачица – Кендра Вилкинсон.
Реалното шоу, кое се емитуваше дури пет сезони, се фокусираше на животот на Хефнер и неговите „главни девојки“, а додека се емитуваше јавноста остро го критикуваше.
Постоеја секакви гласини за што навистина се случувало во Плејбој вилата во која живееја многу млади девојки – девојките биле дрогирани, биле присилувани да имаат секс, биле експлоатирани…
Дури неодамна неколку зајачици, вклучувајќи ги Холи и Бриџит, открија дека скоро сите гласини биле точни, во документарна серија Secrets of Playboy.
Сега Холи и Бриџит открија нови вознемирувачки детали за животот во вилата.
Во поткаст, двете жени велат дека биле присилувани да имаат секс со Хефнер без никаква заштита, а биле присилувани и да учествуваат во оргии.
Бриџит открива дека кога првпат била натерана да учествува во оргија, не сакала:
„Реков дека само ќе гледам и тогаш една од другите зајачици ми рече: ’Што чекаш?‘ Јас ѝ реков дека не сакам да учествувам. Тогаш таа ми рече ’Па, тогаш нема повторно да те поканат‘.
Си реков во ред. Кога видов што прават другите девојки, си помислив дека сигурно нема да трае повеќе од 10 секунди или повеќе од една минута“.
Холи Медисон, пак, вели дека поради траумата, „избришала“ од сеќавањето многу вакви ситуации од вилата. Исто така, Холи вели дека сите девојки кои биле присилени да учествуваат во оргии, гледале да завршат што е можно побрзо и да се тргнат оттаму.
Истовремено, девојките биле присилувани да имаат односи без никаква заштита од сексуално преносливи болести.
„Се надевавме на лекарот. Се надевавме дека сите ги проверуваат (за сексуално преносливи болести) и дека немаат секс со луѓе надвор од вилата. Но, никогаш не можевме да знаеме.
Кога доаѓаа нови девојки, а честопати се случуваше тоа, само сакав да бидам прва и да завршам. Ми се чинеше дека тоа е најчистиот начин“, вели Бриџит.
Периодов Холи Медисон и другите зајачици добија огромна поддршка од јавноста бидејќи прозбореа за нивните трауми.
Дури и третата сопруга на Хефнер, Кристал, јавно ги поддржа, а и самата откри вознемирувачки детали.
„Хефнер постојано ги фотографираше овие жени. Сите овие жени секогаш беа пијани или дрогирани. Знам дека јас бев. Правеше копии од фотографиите и им ги даваше на сите кои дошле таа вечер“.
Претходно Холи откри и зошто многу девојки останувале во вилата, и покрај ужасниот третман – Хефнер имал безброј експлицитни снимки и фотографии од нив и се заканувал дека ќе ги пушти во јавност ако си заминат.
На некој начин, ги држел како заложници.
Кога Холи го откри ова, повторно се огласи сопругата на Хефнер:
„Ги најдов илјадниците фотографии за коишто зборуваш Холи. Ги искинав и ги уништив сите до една, за тебе и за многуте жени на нив. Повеќе не постојат“.
Погледнете и: Биле дрогирани и манипулирани, не смееле да излегуваат надвор – „зајачиците“ со шокантни откритија за животот во Плејбој вилата
Спирова С. | Црнобело