Бившиот сопруг на Бритни Спирс: „Нашите синови се срамат од нејзините разголени фотки, не сакаат да ја видат“
- Детали
- понеделник, 08 август 2022
„Момчињата одлучија дека не сакаат да ја гледаат мајка им во моментов“ – вели поранешниот сопруг на Бритни Спирс, Кевин Федерлајн и додава дека тие се мошне повредени заради разголените фотки што таа ги објавува на Инстаграм. Што му одговори таа?
Поранешниот сопруг на Бритни Спирс (40), Кевин Федерлајн (44) даде интервју во кое говореше за тоа како нивните синови Шон Престон (16) и Џејден (15) реагираат на скандалозните фотографии и видеа што нивната мајка ги објавува на социјалните мрежи, како и за тоа зошто тие одлучиле да не присуствуваат на свадбата на нивната мајка со Сем Ашгари.
„Момчињата одлучија дека не сакаат да ја видат мајка им во моментов. Поминаа неколку месеци откако последен пат ја видоа. Тие сами одлучија дека не сакаат да одат на нејзината свадба“ – рече Кевин Федерлајн за Daily Mail.
Според Кевин, легалното старателство ја спасило Бритни и вели дека последните неколку месеци мошне тешко им паднале на нивните синови.
Инаку, откако се ослободи од легалното старателство во ноември минатата година Бритни Спирс се обиде да остане во фокусот на јавноста објавувајќи разголени фотографии на социјалните мрежи, а поранешниот сопруг на Бритни вели дека тоа мошне тешко им паѓа на нивните синови:
„Се обидувам да им објаснам велејќи - видете, можеби тоа е уште еден начин на којшто таа се обидува да се изрази себеси.
Но, не можам да кажам дека тоа не влијае врз нив. Навистина е тешко. Не можам да замислам како е да се биде тинејџер и да мора да одиш во средно училиште“ – вели тој.