„Шегите премногу ме погодија, погрешив“: Вил Смит се извини за шлаканицата, Крис Рок не знаел дека Џејда има алопеција
- Детали
- вторник, 29 март 2022
По шлаканицата што ја доби Крис Рок поради шега на сметка на Џејда Пинкет Смит, Вил Смит се извини со објава на Инстаграм. Во меѓувреме се појавија гласини дека Крис Рок воопшто не знаел дека Џејда има алопеција, па затоа сметал дека шегата е соодветна.
Инцидентот со Вил Смит и Крис Рок го засени 94-тото доделување на Оскарите. Поради невкусната шега на сметка на алопецијата на Џејда Пинкет Смит, Вил Смит се качи на сцената и му удри шлаканица на 57-годишниот комичар.
Целата ситуација беше пренесена во живо ширум целиот свет, а на почетокот присутните на церемонијата мислеа дека станува збор за исцениран момент, па во публиката може да се слушне смеа.
Сепак, стана јасно дека 53-годишниот актер е сериозен откако се врати на своето место и со повишен тон му рече на Крис Рок да не го спомнува името на неговата сопруга.
Кратко потоа Вил Смит освои Оскар за улогата во King Richard и го искористи говорот за да им се извини на Академијата и присутните.
Но, во извинувањето на сцената не го спомна Крис Рок.
„Љубовта ве тера да правите луди нешта. Мора да бидете способни да се справите со малтретирањето, мора да бидете способни да ги трпите лудите работи што луѓето ќе ги кажуваат за вас.
Во овој бизнис, мора да бидете способни да се справите со непочитувањето на луѓето и мора да се преправате дека сè е во ред. Сакам да ѝ се извинам на Академијата, сакам да им се извинам на сите номинирани“.
По инцидентот, од Академијата објавија твит каде што го осудуваат однесувањето на Вил, а наводно поради притисокот од јавноста се дискутирало и за тоа дали да му биде одземен Оскарот.
„Академијата не оправдува насилство во која било форма. Вечерва сме почестени да прославиме за победниците на 94-тите Оскари, кои го заслужуваат овој момент на признание од нивните колеги и љубителите на филмот од целиот свет“.
Актерот уште еднаш се извини со објава на Инстаграм, а овојпат го спомна и Крис Рок:
„Насилството во која било форма е отровно и деструктивно. Моето однесување на синоќешните Оскари беше неприфатливо и неоправдано. Шегите на моја сметка се дел од работата, но шегите за медицинската состојба на Џејда беа премногу за мене и изреагирав емотивно.
Сакам јавно да ти се извинам тебе Крис. Претерав и погрешив. Посрамотен сум и моите постапки не го покажаа мажот кој сакам да бидам. Нема место за насилство во свет со љубов и добрина.
Исто така, сакам да им се извинам и на Академијата, продуцентите на настанот, сите присутни и сите кои гледаа ширум целиот свет. Сакам да му се извинам на семејството Вилијамс и на моето семејство од филмот King Richard.
Искрено жалам што моето однесување го оцрни она што инаку би било прекрасно патување за сите нас. Уште работам на себе“.
Наводно, Крис Рок не планира да го тужи актерот, а не е познато дали Академијата ќе го казни Вил Смит на кој било начин.
„Официјално почнавме формална истрага за инцидентот и ќе разгледаме што треба да се преземе и кои ќе бидат последиците според нашите правила и законите во Калифорнија“, велат од Академијата.
Доколку Вил биде казнет, можно е да му биде одземен Оскарот или да му биде забрането да биде номиниран за идни награди.
Во меѓувреме, се појавија гласини дека Крис Рок воопшто не бил свесен дека Џејда има алопеција.
Според изворите на TMZ, комичарот и актерот немале разговарано по инцидентот, додека други извори тврдат дека приватно сепак го решиле недоразбирањето.
Комичарот се нема огласено во врска со целата ситуација, а според извори на PageSix бил шокиран од шлаканицата на Вил, додека на забавата по Оскарите изгледал добро.
„Не би познале дека се случило нешто. Крис зборуваше за тоа, велеше дека е лудо, но не изгледаше како да е многу потресен“, вели изворот.
Околу една недела пред Оскарите, Џејда зборуваше за прифаќањето на алопецијата истакнувајќи дека воопшто не ѝ е грижа што ќе помислат или речат другите.
Но, уште се нема огласено за шегите на Крис Рок и шлаканицата на нејзиниот сопруг.
Сепак, на снимката од церемонијата се гледа дека воопшто не ѝ се допаѓала шегата на Крис.
Она што е чудно на истата снимка е фактот дека Вил Смит се смее неколку секунди пред да се качи на сцената.
Наводно, по инцидентот имало сериозни дискусии за тоа дали Вил Смит да биде отстранет од церемонијата, но одлучиле да не прават дополнителна драма бидејќи требало да добие Оскар.
Актерот, пак, изгледа вистински уживал во целата церемонија и покрај инцидентот, па дури и позирал со бившата сопруга и неговата статуетка.
54-годишната Шери Зампино и Вил беа во брак од 1992 до 1995 година и заедно го имаат синот Треј Смит. Фотографијата ја сподели самата Шери, со опис:
„Епска ноќ! Уште еднаш честитки – кога победува еден, победуваме сите“.
Прочитајте повеќе: Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок – чудни моменти што ги обележаа Оскарите во 2022 + најдобрите реакции на твитерџиите
Спирова С. | Црнобело