Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок – чудни моменти што ги обележаа Оскарите во 2022 + најдобрите реакции на твитерџиите
- Детали
- понеделник, 28 март 2022
Откако Крис Рок се пошегува за алопецијата на Џејда Пинкет Смит, Вил Смит излезе на сцената и му удри силна шлаканица – овој инцидент дефинитивно ги засени сите мигови на овогодишните Оскари.
На 94-тото издание на Оскарите, наградата за најдобар филм ја доби филмот CODA. За најдобар анимиран филм беше прогласен Encanto, а Били Ајлиш ја освои првата статуетка во кариерата за песната за последниот филм за Џејмс Бонд.
Оскар за најдобра актерка освои Џесика Честејн, а Вил Смит освои Оскар за најдобар актер. Но, актерот привлече внимание уште пред да ја освои наградата со гневен испад на сцената.
Комичарот Крис Рок ги забавуваше присутните, кога почна да се шегува на сметка на сопругата на Вил Смит – Џејда Пинкет Смит.
Џејда има алопеција, па комичарот направи невкусна шега за тоа:
„Џејда, те сакам. Едвај чекам да го изгледам G.I. Jane 2“.
G.I. Jane е филм од 1997 каде што главната улога ѝ припаѓа на Деми Мур. Нејзиниот лик има избричена глава, па шегата на Крис алудираше на тоа.
Како што Крис заврши со шегата, на снимката се гледа како Вил Смит се качува на сцената и му удира силна шлаканица на комичарот. Видеото можете да го погледнете ТУКА.
Како што Вил ја напушти сцената, комичарот изјави: „Ох, Вил Смит само што ме удри“.
На Твитер се појави и фотка од реакцијата на Никол Кидман.
Набрзо потоа Вил му порача на комичарот да не го спомнува името на неговата сопруга.
Инцидентот ги шокираше присутните, но повеќето сепак се смееја, мислејќи дека станува збор за исцениран настан. Но, шлаканицата не била планирана и бидејќи беше пренесена во живо ширум целиот свет, подоцна имаше и објава на официјалниот Твитер профил на Оскарите:
„Академијата не оправдува насилство во која било форма. Вечерва сме почестени да прославиме за победниците на 94-тите Оскари, кои го заслужуваат овој момент на признание од нивните колеги и љубителите на филмот од целиот свет“.
По инцидентот, Вил Смит освои Оскар за најдобра главна улога во филмот King Richard, а кога ја земаше наградата доби овација од публиката. За време на говорот, актерот пушти и солза, но и се извини за инцидентот. Сепак, не го спомна името на Крис Рок.
Говорот можете да го погледнете ТУКА.
„Сакам да ѝ се извинам на Академијата. Сакам да им се извинам на номинираните. Но, љубовта нè тера да правиме луди нешта“.
Според изворите, Крис Рок нема да поднесува тужба и само сака да го заборави инцидентот.
Можеби инцидентот со Вил Смит ги засени сите други мигови на Оскарите, но сепак имаше настани кои треба да се спомнат:
Пред почеток на церемонијата, Ентони Хопкинс објави видео со танцување кое изгледа по малку морничаво.
Ејми Шумер, која беше една од главните водителки на настанот, го почна говорот со шега на сметка на Леонардо ди Каприо и неговите многу млади девојки:
„Леонардо ди Каприо, што можам да кажам за него? Тој направи многу во борбата против климатските промени и ќе остави почиста позелена планета за неговите девојки“.
Ејми Шумер се пошегува и на сметка на 67-годишниот актер Џ. К. Симонс. Едната водителка, Реџина Хол, изјави дека пандемијата траела многу долго и на некои луѓе им било тешко. Додека камерата беше свртена кон Џ. К. Симонс, Ејми Шумер се надоврза:
„Погледнете го Тимоти Каламет“.
Повторно шега од Ејми Шумер, овојпат за актерката Кирстен Данст. Комичарката ја нарече Кирстен „пополнувач на седиште“.
Сепак, шегите на комичарката очигледно не им се допаѓале на сите, а тоа најдобро го покажува изразот на Џесика Честејн откако Ејми се качи на сцената по кратка пауза, изјавувајќи „Се вратив!“
Мета на шеги беше и Ким Кардашијан. Водителките Реџина Хол и Ванда Сајкс пробуваа да ги утешат актерите кои биле номинирани, но не освоиле Оскар. Тогаш, Реџина се сврте кон актерката Џуди Денч, која беше номинирана, но не победи:
„Имаме инспиративен цитат за тебе. Од Ким Кардашијан е: ’Работи напорно‘. Тоа треба да го направиш“, изјави Реџина, алудирајќи на советите за бизнис жени на Ким од пред неколку недели.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





