„Ме допираше без дозвола“ - Сопругата на „Ѕверката“ е разочарана, обвинет е од уште една жена за сексуално вознемирување
- Детали
- понеделник, 20 декември 2021
Досега две жени го обвинија Крис Нот за силување, како и една за сексуално вознемирување. Актерот, но и неговите пријатели, велат дека сè е лага. Во меѓувреме, извори тврдат дека неговата сопруга е разочарана и не сака да ги помине празниците со него, а голема е веројатноста и да го остави.
По тврдењата на двете жени дека биле силувани од Крис Нот - актерот најпознат по улогата во „Сексот и градот“, се огласи и трета жена со слични обвиненија.
И оваа жена користи псевдоним, Ава, а за магазинот The Daily Beast изјави дека актерот ја нападнал во ресторан во 2010 година.
Ава, која денес има 30 години, вели дека сведоштвата на двете жени ја охрабриле и таа да прозбори за нејзиното трауматично искуство со актерот.
Кога се случил инцидентот, Ава имала 18 години и работела како хостеса во ресторан во Менхетн. Нејзината задача била да ги убедува минувачите да влезат во ресторанот, а кога внатре имало доволно гости, таа пеела за нив.
Ава тврди дека Крис Нот редовно доаѓал во ресторанот, и тоа секојпат пијан.
„Не се сеќавам колку пати имавме зборувано, но една вечер му рече на шефот дека треба да пеам за него иако ресторанот уште не беше полн“.
Ава, која е од Канада, вели дека актерот ѝ нагласил колку многу сакал Канаѓанки и наводно неколкупати ја допрел без нејзина дозвола и ја влечел кон него.
Кога ѝ завршувала смената, шефот ѝ рекол дека ќе ѝ ја даде дневницата во неговата канцеларија, а кога тргнала натаму и актерот тргнал по неа.
„Се однесуваше како двајцата намерно да сме се искрале до канцеларијата“.
Бидејќи двајцата биле сами внатре, актерот почнал да ја допира, а Ава упорно му викала да престане. Тогаш се сетила да му рече дека ќе се сретнат на друго место, по што актерот престанал да ја допира.
„Не слушаше кога му викав ’Не‘, но ме слушна кога му реков ’Не овде‘ и го излажав дека ќе се сретнеме на друго место“.
Штом актерот престанал, ова ѝ дало можност на Ава да си замине. Наводно актерот ѝ рекол дека ќе испрати автомобил по неа, а Ава веднаш си заминала дома и ги игнорирала неговите пораки со кои ѝ ја барал домашната адреса.
Овојпат актерот не се огласи лично за обвиненијата, но негов портпарол даде изјава за магазинот The Post.
„Обвиненијата се измислици. Деталните описи изгледаат како лошо напишана приказна. Крис не знае која е оваа жена и, како што самиот изјави претходно, никогаш не би ја преминал таа линија“.
Крис Нот е во брак со актерката Тара Вилсон со која има и две деца, а според блиски извори, периодов таа не се чувствувала воопшто добро поради обвиненијата, а и голема е веројатноста да го остави.
„На Тара не ѝ е добро. Крис можеби не е моногамна личност, јасно е дека неговата сопруга не го знаела ова. Ако ништо друго, виновен е барем за тоа.
Тара е во Лос Анџелес и е многу разочарана. Планираа заедно да го поминат Божиќ, но сега ништо не е сигурно“, вели извор за The US Sun.
Иако обвиненијата против актерот не се потврдени, наводно агенцијата за таленти со којашто соработува веќе го раскинала договорот со него.
Пријателите на актерот, пак, го бранат и велат дека обвиненијата сигурно не се точни.
„Секоја приказна има две страни и луѓето треба да го знаат ова пред да почнат да судат. Крис што јас го познавам не е Крис што го опишаа овие жени. Сите негови пријатели се на негова страна.
Тој можеби флертува, но не е неморален. Јас му верувам и верувам дека не се случило она за коешто е обвинет“, гласи изјавата на пријател за The Sun.
Пријателот вели дека и самиот актер бил непријатно изненаден од обвиненијата и не му е јасно зошто некој баш сега би го обвинил за нешто толку страшно.
Прочитајте повеќе: „Ѕверката“ од „Сексот и градот“ обвинет за силување - „Беше болно, му викав да престане“
Спирова С. | Црнобело